Како да се помрдне сиромаштијата?

Уште на почетокот на кампањата Берни Сандерс ја знаеше слабата страна на својата изборна математика. "Ако не излезат работниците и сите оние кои живеат од својот труд, ништо не сме направиле," велеше тој будејќи ги надежите дека суштинска промена е можна. Веројатно е можна е, но не овојпат.

"Сиромашните луѓе не гласаат. Тоа е факт," рече Берни Сандерс неделава. Тој не се откажува од трката но оваа констатација е веројатно клучна за многу слабите изгледи кои ги има во финалето со Хилари. Тој прецизно ја идентификуваше важноста на оваа закономерност на американската политичка сцена, само што по сè изгледа, тој нема да биде човекот кој ќе ја смени реалноста.

Наспроти старите марксистички надежи дека токму сиромашните први ќе ја увидат неправдата на системот и ќе тргнат да го менуваат, во САД реакцијата на политичкото тело е сосема обратна. Сиромавите не гласаат, односно гласаат многу помалку од побогатите сограѓани (се чини скроз обратно од кај нас).

Со други зборови, американскиот електорат е постар, побел и побогат отколку што се САД во целина. И уште поважно, американските негласачи суштински припаѓаат на левицата и по своите убедувања се поблиски до политиките кои ги промовира Сандерс.

За да успееше зацртаната стратегија на Сандерс, тој мораше да донесе нови луѓе пред избирачките кутии, да го освежи електоратот со оние кои досега не се појавуваа, бидејќи на неговите клучни проекти (бесплатно студирање или универзална здравствена заштита) постоечките гласачи не трзаат во доволен број. Од друга страна, се проценува дека 30% од оние што имаат право на глас, не се регистрирани за гласање и не се заведени во избирачкиот список по кој изборните штабови ги моделираат своите кампањи. Тие, исто како и оние што не гласаат од убедување, не се интересни за политичките кандидати и тешко се мобилизираат. 

Се наметнува заклучок дека Сандерс и неговата екипа  формулираа една интересна и интригантна кампања, но станува јасно дека тие нема да бидат во состојба да докажат дали таа успева или не. Тоа не значи дека некој друг некогаш нема да одигра поинаку и да успее во тоа.

27 април 2016 - 15:04