Како Британија се прелажа самата себе да замине од Европа

На неколку часа по прогласувањето на брегзит, Најџел Фараж пред ТВ камерите призна дека трошоците и бенефитот од напуштањето на ЕУ што упорно ги повторуваше за време кампањата, биле прилично произволни. Според експертите, проблемот е што ова е само "врв од сантата."

Пред неколку децении писателот Кингзли Амис објаснува дека аргументот на неговата земја за влегување во ЕУ може да се опише како "Британија ќе ја изгуби својата независност ама барем економски ќе страда." Мајкл Вајс за Дејли Бист по референдумот анализира дека иако Британија се уште ја нема вратено својата независност (која ќе следува по долги месеци полни со болни бирократски преговори, од кои на прво место сакаа да избегаат), барем е погодена од економска катастрофа каква што и се нема случено од 80-те.

Вајс пренесува дека во првите 8 часа по веста за брегзит, Британија губи 350 милијарди долари, сума која белгискиот евро-пратеник Гај Верхофштад забележува дека "е поголема од сумата што тие ја имаат придонесено во буџетот на ЕУ во последните 15 години." Само по оваа загуба Британија преку ноќ од петта стана шеста по големина економија во светот, и моментално е зад Франција.

"Во вакви времиња историските аналогии можат да бидат малку хистерични. Сепак тешко е човек да не се согласи со проценката на рускиот аналитичар Иван Крацев дека брегзит е еднаков на 'германското ре-обединување во рикверц' и го означува крајот на епохата која започна во 1945 кога Европа се соочуваше со далеку поголема бегалска криза притоа обидувајќи се и да избегне уште една војна. Тоа беше моментот кога првичниот аргумент дека 'заедно е подобро' беше претставен и спроведен од неколку последователни ториевски и лабуристички влади, поткрепени од моќта на НАТО и субвенции од Маршаловиот план," пишува Вајс.

Додека Камерон го доживува како еден најкатастрофалните премиери во британската историја, Вајс наведува неколку проблеми во кои Британија влегува со заминување во Унијата:

- Британските дипломати може да очекуваат да бидат маргинализирани во советите во Брисел.

- Горе доле ставот на претседателите на европскиот совет, комисија и парламент е "се што имате спакувајте во кутијата што ви е на биро."

- Брегзит значи проблеми за 1,2 милиони Британци кои живеат во најразлични земји на ЕУ што сега е треба да го решаваат својот престој, додека истото ќе треба да го направат и 3 милиони ЕУ граѓани кои живеаат во Британија.

- Една од најголемите армии на ЕУ нема да има никакво учество во оформувањето на идните реакции на најразлични глобални настани.

"Како се случи ова, кој е крив?

Имаше многу лаги што ги ширеше кампот за напуштање на Унијата, меѓу кои предничеше Фараж. На почетокот од вечерта, откако анкетите ги кажаа своите предвидувања, Најџел Фараж речиси го призна поразот, правилно исповедувајќи се дека е шокиран што речиси нешто половина од државата воопшто би го сфатила сериозно.

... Фараж е само симптом на националниот нервен, кој одамна се таложеше и комплетно можеше да биде избегнат. Џејмс Блодворт авторот на Митот за мериократијата, правилно забележува дека владата на Тони Блер, во нејзиниот лудачки налет кон што е можно поголема интеграција во 2004, малку направи да се справи со, тогаш на зачеток, загриженоста околу константниот раст на имиграцијата.

Стапката на новодојденци во Британија далеку ги надмина проценките на Лабуристите: наместо да апсорбира по 13.000 странци годишно, тие примија стоици илјади. И додека најголемиот дел од новодојдените вратија повеќе отколку што добија од општеството, тие сепак имаа вознемирувачки ефект врз сите останати.

... Сето ова само беше надополнето од постојната мизерија во Сирија и распадот на Блискиот Исток. Меѓутоа имаше и други, стари проблеми со кои требаше да се справува. Падот на тешката индустрија, посебно на северот и средината на островот, и нејзината замена со сервисната економија во метрополите, полека создаде цела под-класа на гневни и огорчени Британци кои никогаш не се чувствуваа пригодно во сопствената земја, а не па во 27 други...

Трагичната иронија е дека ова себе-повредување почна од најидеалистичките поборници за зачувување на цела и слободна Европа. Блодворт ова го кажува подобро отколку што јас би можел: 'Политичарите лабуристи кои ја гледаа англиската работна класа како излишна сила која на избори нека на кое друго место да оди. Тие ги притискаа и притискаа и притискаа нив и денес, конечно непосакуваното мнозинство одлучи да врати. Вредните луѓе беа третирани како ѓубре на Земјата и, не изненадува, што тие решија да не го трпат тоа.'

Тука има лекција и за Америка. Ама се плашам дека можеби е касно за таа да се учи," пишува Вајс.

25 јуни 2016 - 14:24