Изопачувањето на Русија

Начинот на кој американските медиуми пренесуваат за Путин, Сочи и Украина, претставува медиумска злоупотреба која се рашири и сега е нов стандард во работата, пишува најстариот американски магазин The Nation.

Забелешката на The Nation е дека вестите, едиторијалите и коментарите во американските медиуми, туку вклучувајќи ги Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост, повеќе не ги почитуваат ригорозно традиционалните новинарски стандарди и често пати не даваат клучни факти и контекст; не прават јасна разлика меѓу известување и анализа; не бараат барем две различни политички или "експертски" ставови за важни настани. "Како резултат на ова, денес американските медиум се помалку објективни, помалку балансирани, а повеќе конформистички и сосема помалку идеолошки отколку кога пренесуваа за Советска Русија за време на Студената војна."

Историјата на деградацијата на Русија почнува во 90-те, по крајот на СССР "кога американските медиуми го превземаат наративот на Вашингтон дека се што има направено претседателот Борис Елцин е 'направено со цел транзиција од комунизам во демократија' и дека тоа е во најдобар интерес на САД." И покрај се што се случува во времето на Елцин (олигарси, Чеченија, местење избори...) најголемиот дел од американските новинари и понатаму оставаат впечаток дека Елцин е идеалниот лидер за Русија.

Од почетокот на 2000-те "медиумите следат поинаков наратив концентриран на лидерот," што повторно е паралелно со политиката на САД, која "ги девалвира компликуваните анализи, за сметка на немилосрдна демонизација на Путин, притоа игнорирајќи ги фактите."

"Не е изненадување што во јануари Вол Стрит Журнал го објави општо дискредитираниот претседател на Грузија, Саакашвили, кој ја претстави владата на Путин како 'измамничка, насилничка и цинична,' а Кремљ како 'нервниот центар на сите проблеми кои го измачуваат Западот.' Меѓутоа напаѓањето на Путин е исто така доминантно и во либералните, прогресивните и медиумите од центарот, од Пост и Тајмс, до Њу Рипаблик, МСНБЦ и Риал Тајм на Бил Маер, каде што Хауард Дин, кој претходно не беше познат по својата експертиза за Русија, неодамна изјави дека 'Владимир Путин е насилник,'" пишува Стивен Коен за The Nation.

Коен објаснува дека заради сето ова медиумите само го чекаат падот на Путин - заради лошата економија (иако некои индикатори се подобри отколку на САД), заради уличните протести и десничарските противници (чии политики ретко се истражуваат), заради се помалата поддршка од избирачите (иако таа се движи околу 65%) или некоја друга добредојдена катастрофа.

Тој ја критикува Јулија Лоф, новинарката на Њу Рипаблик за насловната сторија на тема Русија од 17 февруари (текст од околу 10.000 зборови), која според него, заради необјективност многу подобро би одговарала да биде сместена во некој руски таблоид.

Во однос на Тајмс тој забележува дека уште пред да почнат игрите, весникот го прогласил новиот олимписки комплекс за "дистопија од советски стил," и предупреди со наслов "Тероризам и тензии, не спорт и радост." "На денот на отворањето весникот имаше место за три статии против Путин и главниот едиторијал."

"Фактите не беа важни. Речиси секој извештај на американските медиуми инсистираше на тоа дека 51 милијарда долари кои Путин ги потроши на Игрите во Сочи покажуваат дека 'тие се корумпирани.' Меѓутоа како што истакна Бен Арис од Business New Europe, околу 44 милијарди долари се потрошени на 'развивање на инфраструктурата на целиот регион,' инвестиција која и е потребна на целата држава," објаснува Коен.

Во однос на Украина, Коен објаснува дека она што американските медиуми не го сфаќаат е дека "судирот меѓу двете Украини не е започнат, како што тоа го тврди Тајмс, од сомнителното преговарање на Јанукович - или Путин - туку од непромислениот ултиматум на ЕУ, од ноември, дека демократски избраниот претседател на една длабоко поделена држава треба да избере меѓу Европа и Русија. Предлогот на Путин за трипартитен договор, кој речиси никаде не беше пренесен, беше инстантно одбиен од САД и ЕУ."

"А што е со одлуката на Барак Обама во Сочи да испрати делегација на ниско ниво, вклучувајќи и пензиониран геј спортист? Во август, Путин практично го спаси претседателството на Обама со тоа што го убеди сирискиот претседател Башар ал-Асад да се откаже од хемиското оружје. Путин потоа помогна со олеснувањето на отворањето на Обама кон Иран. Не ли требаше самиот Обама да отиде во Сочи - дали од благодарност кон Путин, или за да застане со лидерот на Русија против меѓународните терористи кои ги погодија двете наши земји? Дали тој не отиде затоа што се најде во стапица заради сопствените непаметни политики кон Русија, или затоа што американските медиуми до тогаш ги имаа извртено главните причини кои беа наведени: давањето азил на Едвард Сноуден, разликите на Блискиот Исток, прекршувањето на геј правата во Русија, и сега проблемите со Украина? Кое и да е објаснувањето, како што велат руските интелектуалци кога се соочени со две лоши алтернативи 'двете се полоши,'" порачува Коен.

15 февруари 2014 - 15:14