Има ли 4.000 крави во авионот?

Чувствувајќи дека е вистинскиот момент за креативни решенија, бизнисмен одлучува ембаргото на увоз на храна кон Катар наметнато од соседите да го реши со досега најголемиот авио-превоз на стока во историјата на воздухопловството.

Почеток на втората недела од економското ембарго кое на Катар му го наметнаа шест соседни земји, заради обвинувања за поддршка на тероризмот и дестабилизација на регионот. А Катарците (слично како и балканците во ваква ситуација, со благо доцнење) веќе се снаоѓаат, како знаат и умеат.

Катарски бизнисмен планира да пренесе 4.000 млечни крави од сортата холштајн во земјата, како обид да не се наруши континуитетот со доставата на млеко во текот на блокадата. Предлогот доаѓа во момент кога Катар се обидува што е можно побргу да отвори воздушен и поморски мост преку земји кои го немаат блокирано - Иран, Турција и пристаништа во Оман.

Планот да се „летаат“ крави го открил Мутаз Ал Кајат, претседател на компанијата Пауер Интернешнл Холдинг. Тој изјавил дека за толку стока, која е инаку купена од Австралија и САД, би биле потребни околу 60 поединечни летови. Првично планирал нивен увоз со брод, а крајната дестинација е целосно завршена фабрика за преработка на млеко во Доха.

Катар е една од најбогатите земји во светот, но во голема мерка зависи од увозна храна. Тоа нејзините соседи многу добро го знаат, па во контекст на ембаргото кое започна на 5 јуни ги затворија сите аеродроми и пристаништа за катарски летови и за шпедиција. Млекото досега во Катар пристигнуваше токму од соседите. Сега на помош притрчува Турција, која ги снабди катарските супермаркети со јогурт и кисело млеко, и Мароко и Иран, кои ветија друг вид на прехранбени продукти. Истовремено, катарските функционери се растрчаа низ целиот свет за да добијат меѓународна помош, велејќи дека обвинувањата за тероризам од соседите е само изговор, а дека вистинската причина за ембаргото е независната надворешна политика на Катар, која се базира на скапа глобална инвестициона стратегија, од Лондон до Токио.

Санкциите, освен тоа, се наметнати во чувствителен момент за земјата, која се обидува да затвори проект од 200 милијарди вредна инфраструктура за светскиот куп во фудбал во 2022.

****

Види и:

Катарците во јуриш на супер-маркетите

14 јуни 2017 - 13:38