Холандските војници ќе ја тужат својата држава зашто ги пратила во Сребреница

Може нивното барање има логика во нивните животи но пак е перверзија: кого да тужат илјадниците убиени кои веруваа дека живеат под заштита на истите тие војници кои еден ден решија да дигнат сидро од таму?

Стотина Холанѓани, поранешни припадници на мировните сили на ОН би можеле да ја тужат својата држава затоа што во 1995 година ги пратила во "невозможна мисија" во Сребреница, како што тоа неодамна го оцени министерството за одбрана во извештај за таа црна дамка на меѓународната заедница.

Не биле доволно подготвени, немале доволно информации, чувале мир кој не постоел, наброи актуелната министерка за одбрана на последното славење на нивниот Ден на ветераните.

Адвокати на оваа група велат дека нивните клиенти "сè уште тешко учествуваат во општествениот живот" бидејќи цели две децении од тогаш, се наоѓаат луѓе кои во кафиќ или стадион ќе ги прашаат "А зошто ништо не направивте?"

"Нивниот углед како војници и како мажи е нарушен само затоа што нивната држава ги напушти," вели адвокатот Мајкл Руперти.

Да потсетиме, таа година Сребреница беше прогласена за зона под заштита на Обединетите нации. Локалците веруваа во таа приказна заради холандскиот батаљон кој требаше да го гарантира тоа. Но батаљонот одеднаш добива наредба да се повлече од таму оставајќи го населението на тацна на  српските воени и паравоени сили кои го имаа опколено гратчето по што следува најголемиот масакр на европско тло по Втората светска војна.

Кавги околу бројките на жртвите можеби сè уште траат но сите цифри кои се во оптек и онака се застрашувачки. Без разлика колку илјади луѓе беа тогаш убиени, јасно е дека не стануваше збор за "жолта минута" и рефлексна желба за одмазда туку за систематско, планско и - ебеш му матер - индустриско производство на човечки жртви.

Овозможено од војниците кои сега тешко се вклопуваат во општествениот живот и имаат нарушен углед како мажи.

28 септември 2016 - 09:20