Големиот пораз на Ал Каеда што не се споменува

Паралелно со сите успеси што во последно време се случуваат во борбата против ИСИС во Сирија, коалиција од арапски држави во Јемен води посебна војна против Ал Каеда на Арапскиот полуостров (АКАП) во која беспоштедно ја уништуваат најмоќната филијала на организацијата.

Иако коалицијата е предводена од Саудиска Арабија, силите на Обединетите Арапски Емирати се тие што деновиве и задаваат сериозен удар на АКАП, освојувајќи го од нив стратешки важниот град Мукала и неговата околина.

Мукала е 5-от по големина град во земјата и во него се наоѓа второто по големина пристаниште во Јемен, кое претставуваше значителен извор на приходи за АКАП, кои заработуваа од даночење на сите пратки кои стигаа таму.

"Градот беше центарот на Исламистичкиот емират на АКАП во Јемен. Загубата е сериозен удар на АКАП, еквивалент на тоа ИСИС да ги изгуби Мосул или Рака.

Воената операција беше одлично испланирана и спроведена. Емиратите на теренот соработуваа со локалните јеменски племиња за да ја осигурат нивната поддршка за операцијата, а имаа помош и од јеменските војници кои минаа обука од Емиратите.

Самиот напад вклучува координирани воздушни, морнарички и копнени акции. Операцијата, која според многумина требаше да трае со недели, заврши за неколку дена. И сега истите овие сили работат на тоа да осигурат дека АКАП нема да можат да се вратат - што подразбира составување на добра локална власт во регионот. Ова е пример од учебник за справување со терористички групи кои држат одредена територија," пишува за Политико поранешниот ВД и заменик директор на ЦИА, Мајкл Морел.

Иако примарна мета на коалицијата се милитантите од Ансар-Алах (Хути) движењето, поддржано од Иран, кое во септември 2014-та го освои главниот град на Јемен, Саудијците и Емиратите имаат посебен интерес за уништување на АКАП, бидејќи двете земји се главна мета на терористичките акции на организацијата.

БиБиСи документарец за подемот на Ансар-Алах

Морел истакнува дека целата акција заслужува посебно внимание бидејќи арапските земји од регионот се сериозно критикувани дека ништо не прават во врска со исламистичките терористи и екстремисти.

За дел од жителите на Јемен, акциите на коалицијата не се доживуваат така слободарски. Ова е репортажата на Вајс од Јемен:

9 мај 2016 - 14:07