Гледајте да не ви се случи Балкан, а не да не ви се случи Трамп

Во година кога во ЕУ треба да се случат избори во неколку битни земји членки, главната паника е утрото по изборите да не се разбудат со "следниот Трамп" или "следниот брегзит" (во зависност кој кандидат накаде влече). Аналитичарите на Барклејс предупредуваат дека ова е многу погрешен страв на Европејците.

Процената на тимот од Барклејс е дека сезоната на избори во ЕУ може да доведе до "Балканизација", појава која базирано на вистински настани се дефинира како – поделба на помали фракции во законодавните тела кои не соработуваат или се непријателски настроени.

"... Додека 'Политиката на гневот' останува најсериозниот ризик за ЕУ, малку е веројатно дека таа ќе се манифестира како единечен избирачки настан кој директно ќе доведе до повлекување на уште една земја членка од ЕУ.

Поверојатно е дека стабилноста на ЕУ е под закана од 'Балканизација' на европските влади во периодот на изборниот циклус 2017-2018, што ќе ја ограничи способноста на Европскиот совет одлучно да реагира на политичките кризи во ЕУ како што тоа го правеше во 2011-12," се порачува во извештајот на Барклејс.

Балканизацијата, а не некој нов Трамп или Ле Пен, е главна закана за Германија каде иако Меркел пред изборите во септември не се соочува со сериозен противник, таа сепак нема да освои силно мнозинство како што тоа беше случај во претходните неколку избори. Процената на Барклејс е дека ова ќе доведе до фрагментација на Бундестагот, каде за прв пат од 1950-та има шанса да влезат 6 различни партии. Ваквата разноликост сериозно ќе ја намали моќта на Меркел и до сега стандардните германски партии.

Слично е и кај Холанѓаните, каде ризикот не нивно напуштање на ЕУ, туку влада која ќе биде толку "слаба и фрагментирана што нема да може да одговори на институционалните предизвици на ЕУ, или влада која е непријателски настроена кон ЕУ и ја опструира ЕУ на ниво на носење политики."

Нивните оцени се дека изборната сезона 2017-18 ќе ги остави членките на ЕУ со слаби малцински или коалициони влади, кои ќе имаат многу мал мандат или капацитет да постигнат компромиси со останатите земји членки за донесување решенија за вообичаените проблеми на ЕУ.

17 јануари 2017 - 12:30