ЕУ помош или магаре

Западните лидери се собраа и ветија дека ќе донираат милијарди долари за помош на Авганистан. Со оглед на тоа каков е договорот прва ставка од помошта ќе треба да биде дополнителен терминал на аеродромот во Кабул, за да може да ги опслужи сите бегалци што Европа ќе ги депортира назад во земјата.

За разлика од помпата која ја доби собирањето и сумата на донации за Авганистан, многу помалку внимание доби еден пропратен договорот во кој Европа успева да го присили Авганистан да се согласи да прифати неограничен број депортации на авганистански граѓани.

Бројката што Европејците ја имаат на памет е околу 80.000 Авганистанци, чии апликации за азил биле одбиени. Според договорот ЕУ треба да го ограничи бројот на депортирани во следните 6 месеци на 50 луѓе по лет, меѓутоа нема ограничување колку летови може да има.

Пазарџиската математика покажува дека за пренос на овие 80.000 бегалци од ЕУ, со темпо од 50 бегалци по лет, ќе бидат потребни 1.600 летови, што е околу 266 летови месечно или речиси 9 авиони дневно кои ќе имаат оправдание и причина да возат до Авганистан и назад.

"Депортацијата не е формално поврзана со ветувањата на ЕУ за помош на Авганистан, меѓутоа поврзаноста е несомнена, а лидерите на ЕУ ова го разговараа на донаторската конференција. На конференцијата лидерите на ЕУ ветија дека ќе дадат 1,5 милијарди долари годишно до 2020. Севкупно западните влади, понудија над 15 милијарди долари во помош," пишува Мајкл Бирнбаум во текстот за Вашингтон Пост.

Претседателот на Советот на Европа и се заблагодари на авганистанската влада за "нејзината храброст да се согласи со менаџирање на миграцијата во соработка со Европската Унија. Овој договор ќе го поддржиме со пари и програми за креирање работни места за реинтегрирање на вратените мигранти, во корист на нивните локални заедници."

6 октомври 2016 - 15:01