28-те страни што недостасуваат

Дупката во историјата за 11-ти септември

Во извештајот на Конгресната истрага за 11-ти септември недостасуваат 28 страни, кои оригинално ги имаше меѓутоа во 2002-ра по нарачка на Џорџ Буш беа отстранети и ставени во посебен таен документ, под објаснување дека тие содржат информации што ќе ги нарушат тајните операции на САД.

Буш и саудискиот амбасадор на ранчот на Буш во Тексас на 27-ми август 2002-ра

Според републиканскиот конгресмен, Волтер Џоунс, кој ги има прочитано овие 28 страни, во нив "нема ништо за националната безбедност." Според демократот Стивен Линч, во нив се работи за "администрацијата на Буш и неговата врска со Саудијците... Овие 28 страници раскажуваат приказна која комплетно беше избришана од извештајот за 11-ти септември." Според трет конгресмен што го има прочитано документот во него има докази дека Саудијците го поддржале киднапирањето на авионите на 11-ти септември, и "дека единствено прашање е дали ова било дозволено од кралското семејство или од пониските нивоа."

Објавување на 28-те страни бараат и самите Саудијци, според кои ваквата таинственост се користи за клеветење на нивната држава.

Пред 10 години во име на жртвите на 11-ти септември, нивните семејства и компаниите кои ја исплатија оштетата беше поднесена тужба против Саудијците. Во неа тврдењето е дека киднаперите добиле директна помош од претставници на саудиската влада, и заради тоа се бара оштета од земјата. Клучно за нивната тужба се токму овие 28 страници.

Во тужбата се тврди дека Министерството за исламски работи, преку своите претставници во саудиските амбасади кои функционираат како "петтоколонаши за поддршка на муслиманските екстремисти," е директно вмешано во организацијата на 11-ти септември.

Њујоркер пишува:

"Приказната во овие 28 страни почнува со пристигнувањето на Наваф ал-Хазми и Халид ал-Михдар во Лос Анџелес во јануари 2000-та. Тие се првиот бран на киднапери на 11-ти септември. Никој од нив не го владее добро англискиот заради што нивната мисија - да научат како да управуваат Боинг авион - изгледа лудо невозможна, посебно ако немаат никаква помош.

Две недели откако Хазми и Михдар доаѓаат во Лос Анџелес одеднаш се појавува добротвор. Омар ал-Бајуми, 42-годишен Саудиец, кој е вработен во саудиската компанија за авиациски услуги Далах Авко. Иако добива плата од компанијата, тој таму ништо не работи во 7-те години додека бил во Америка. Бајуми има чести контакти со саудиската амбасада во Вашингтон, и со конзулатот во Лос Анџелес, во арапската заедница во земјата него го сметаат за саудиски шпион, иако саудиската влада го негира ова.

Бајуми со пријател вози од Сан Диего, каде што живее, во Лос Анџелес. Таму оди во саудискиот конзулат, каде што минува околу 1 час на состанок со претставник на Министерството за исламски работи, по име Фахад ал-Тумаири, кого тој го смета за духовен лидер. (Во 2002-ра на ал-Тумаири му е одземена дипломатската виза и е депортиран заради сомнение за поврзаност со терористи.) По ова, Бајуми и неговиот пријател возат до еден халал ресторан во Кулвер сити. Бајуми подоцна во истрагата изјавил дека додека јадел таму, слушнал двајца мажи - Хазми и Михдар - како зборуваат арапски со акцент од Заливот. Тој почнува разговор со нив и наскоро ги кани да се преселат во Сан Диего. Ги сместува во истиот комплекс каде што тој живее. Бидејќи идните киднапери немаат банкарска сметка, Бајуми од својата сметка го плаќа нивниот депозит и првата кирија (за што тие одма му даваат пари). Тој нив исто така ги запознава со членови на арапската заедница, меѓу кои веројатно и имамот на локалната џамија, Анвар ал-Авлаки - кој подоцна станува проминентен портпарол на Ал Каеда на Арапскиот полуостров.

Друг Саудиец кој во тоа време е во Сан Диего е Осама Баснан, кој исто така станува пријател со Хазми и Михдар. Исто така, сопругата на Баснан често пати добива добротворни подароци од сопругата на саудискиот принц Бандар (амбасадор во САД од 1983-та до 2005-та.), принцезата Хаифа. Парите што таа ги добива - околу 73.000 долари во период од 3 години - наводно се за финансирање на терапијата за медицинските проблеми што ги има сопругата на Баснан. Според тужбата против Саудијците, дел од парите биле искористени за поддршка на киднаперите во Сан Диего. ФБИ нема најдено докази дека парите завршиле во рацете на киднаперите, а комисијата за 11-ти септември нема најдено никаква поврзаност со кралското семејство.

'Ние тврдиме дека наводните добротворни организации, основани од Владата на Кралството за низ светот да пропагираат радикална вахабистичка идеологија, служат како примарен извор за финансии и логистичка поддршка на Ал Каеда повеќе од една деценија пред нападите на 9/11. Не случајно овие т.нр. добротворни фондови се управувани од Министерството за исламски работи, кое од своето формирање во 1993-та ја превзема одговорноста за ширење на вахабистичкиот ислам,' изјавил еден од главните адвокати во тужбата."

11 септември 2014 - 12:08