Државниот удар на Путин

Украина беше за Путин, тоа што Аустерлиц беше за Наполеон, и падот на Париз за Хитлер, моментот кога конечно се' беше централизирано во неговите раце, објаснува поранешниот полски министер за надворешни работи, Радек Сикорски.

Анализите околу постапките на Путин постојано водат кон тоа дека тој константно го намалува својот круг на најблиски луѓе, а она што изненади во последно време беше воскреснувањето на ГРУ (военото разузнавање) кое беше предводникот на сите активности во Украина. Процената е дека растот на ГРУ се случува на сметка на досега семоќните олигарси, кои генерално е лесно да ги жртвуваш заради сеприсутната омраза на народот кон нив.

"Ова е новата владејачка елита - ГРУ военото разузнавање. Отстранувањето на старите елити не е започнато, ама е следен логичен чекор... Тие ја започнаа патриотската еуфорија. Ова го направија со искористување на психолошката и социолошката огорченост кон омразената класа на милијардери со нивните јахти и вили во Лондон. Затоа тие се толку посветени и лојални," објаснува Сикорски.

Слично мислење има и Карл Билт, околу тоа како Путин ја искористи ситуацијата со Украина, само тој верува дека моментално рускиот режим и пред две сосема спротивни сценарија - по ова или Путин вечно ќе владее, или наскоро одеднаш ќе пропадне.

Со годините Путин прилично детално го решава проблемот со опозиционерите, кои по неколку години делување речиси редовно ги снемува од земјата (не заради ликвидација туку заради емиграција). Според магазинот Политико, апсењето на милијардерот Евгениј Евтушенков, покажува дека и за олигарсите повеќе не важи формулата дека ако молчат ништо нема да им се случи.

На тема медиуми, Путин уште по доаѓањето на власт ја стави под контрола националната телевизија. Ама во последните години тој почнува да се врти и кон интернетот и печатените медиуми, кои до сега беа прилично слободни од мешање. По ново, власта може да уапси кого било заради нешто што го кажал на интернет.

Заради сето ова Брисел е уверен дека реакцијата на Путин во Украина е заради неговиот страв од глобализација.

"За Путин реформите беа премногу тешки. Затоа тој тргна по пократкиот пат кон популарноста. Тој сфати дека правењето реформи ќе значи уништување или наштетување на интересите на премногу релевантни луѓе од кои зависи неговата моќ. За него ова беше премногу ризично. Ама во реалноста негов најголем страв е дека ќе биде Горбачов. Тој го смета Горбачов за будала бидејќи беше прифатен од Западот а потоа беше фрлен под воз. А и во тоа има одредена вистина," објаснува Сикорски.

Што се однесува за војната во Украина, Политико објаснува дека во моментов Брисел се обидува да сфати од кога е испланирана операцијата на Крим. За Сикорски сето ова започнува во 2008-ма, кога за време на саемот на НАТО руските намери стануваат јасни:

"Тогаш Путин го даде својот величествен говор во кој кажа дека Украина е вештачка држава и е дел од територијата која историски и припаѓа на Русија."

Според украинската тајна служба целата операција започнува во 2012-та (а можно и 2010-та). За Сикорски првите сигнали за започнување на планот се од 2011-та, кога Путин оди во посета на фестивалот на Ноќни волци на Крим, ама дури кон крајот на 2013-та полското министерство за надворешни работи станало свесно.

"Сфативме дека Русија ги има направено калкулациите за тоа кои провинции ќе бидат профитабилни. За Кремљ би било профитабилно да ги анектираат Запорожје, Днепропетровск и Одеса, додека Донбас, сам по себе не би бил интересен.

Тогаш тие веќе пресметуваа како да го окупираат Крим како начин за уценување на Виктор Јанукович. Од моите разговори со Јанукович, знам дека тој сакаше да го потпише договорот за Асоцијација со ЕУ. Ама во ноември 2013-та нешто се случи, нешто пукна. Според нашите разговори, чувствувам како Путин да му имаше нешто кажано во Сочи. Мислам дека Путин имаше материјал за уценување на Јанукович: знаме дека имаше неделен или двонеделна испорака со камион на парите што тој ги имаше украдено од буџетот. И мислам дека му има кажано: 'Не го потпишувај Договорот за Асоцијација, или ќе ти го одземеме Крим.' Затоа тој се премисли," објаснува Сикорски.

Тој го обвинува Путин дека сето ова време сака да ја вклучи и Полска во инвазијата на Украина, по основа дека Украина е вештачка творба, и дека на полскиот премиер Доналд Таск му рекол дека Лвов е полски град и дека тие треба да си го земат. "За среќа Таск не одговорил на оваа понуда, знаел дека ги снимаат."

Во однос на предвидувањата за тоа што ќе се случува со Украина, на магазинот не му се верува колку е неспособна европската дипломатија.

"Што и да се случи, јасно е дека машинеријата на европската надворешна политика се покажа дека нема поим. ЕУ и нејзините земји членки имаат над 57.000 дипломати околу светот, ама тие не успеаа да ја предвидат ниту Украина, ниту Арапската пролет. Билт ги жали: 'Најголемиот дел од персоналот во амбасадите на ЕУ не го ни зборува локалниот јазик,'" пишува Бен Јуда за Политико.

Што се однесува до Путин, и Билт и Сикорски веруваат дека низ Европа и во следните години ќе гледаме војни поттикнати од Кремљ, а за Сикорски "Путин е способен да ги турне (членките на ЕУ) до крајните граници. До крајните граници пред да се скршиме. Верувам дека Путин комплетно не' има укапирано. Тој мисли дека се соочува со еден куп слабаци дегенерици. И тој мисли дека ние не би оделе во војна за одбрана на Балтикот. И знаеш, можеби е во право."

21 октомври 2014 - 12:09