Друштвото на мртвите, презакопани Руси

Една линија од државотворниот ПР на Владимир Путин е да ги враќа моштите од славните Руси и да ги презакопува во родната грутка. Демек, сите Руси во иста држава, без разлика на нивната моментална здравствена состојба. Во последниот случај загризаа преголема коска, онаа на Рахмањинов.

Рускиот министер за култура Владмир Медински неодамна побара посмртните остатоци на Рахмањинов, кои повеќе од 70 години почиваат на гробишта во Њујорк, да се ексхумираат и да се вратат во Русија. Oва е само едно од ваквите „презакопувања" кои руската држава ги прави со децении, но кои добија на интензитет под Путин, кој преку вакви, државотворно режирани свечени настани сака да покаже дека Русија е сопственик на својата историја и на сите граѓани во неа, без оглед на тоа од која страна од тревата ќе бидат.

Манијата за ексхумирање почна пред распадот на СССР. Уште во 1984 посмртните останки на оперскиот пеач Шаљапин (кој умрел и бил погребан во Париз во 1938) се ископани и повторно закопани во Москва. Мстислав Ростропович, виолончелист и диригент, тогаш и самиот во егзил во Париз, напишал статија за руско списание во кое остро го осудил Советскиот Сојуз заради тоа што „како пијавица го исцицува легитимитетот од одамна оладените лешеви". Ростропович последните триесет години ги поминал на запад, пред сè во Париз, но умрел во Москва во 2007. Сега почива покрај Шаљапин.

Преместувањето на остатоците не е единствениот начин на кој Русија ги користи своите мртви класици, херои и генерали. Во ноември 2013, во Кремљ е одржан чуден собир на потомците на значајни поети и писатели, помеѓу нив на Толстој и Пушкин. Во февруари 2014, на отворањето на Олимписките игри во Сочи, се парадираше со виртуелни слики на руски културни икони, меѓу кои Владимир Набоков, кој живееше и умре надвор од Русија.

Сепак најневеројатни се задгробните интервјуа во руските медиуми. Така, во јуни поетот и писател од 19 век Михаил Љермонтов ги „поздрави" руските воени напори во Украина. Во април оваа година официјалното гласило на Министерството за култура објави интервју со Чајковски, во кое тој ја потврдува својата љубов кон Русија и ја негира својата наклонетост кон мажите. „Понекогаш ме обзема луда желба неоја жена да ме сака и да ме допре", вели покојниот композитор (сега веќе не и хомосексуалец) на крајот на измисленото интервју.

Спомнатиот Рахмањинов, чие ре-погребување е најсвеж ваков случај, ја напуштил Русија во текот на болшевичката револуција од 1917 и живеел во Европа и САД, пред да почине од рак во Калифорнија. И покрај тоа што човекот зел и американско државјанство кратко време пред да почине, сегашната руска власт тврди дека Американците погрешно го сметаат за нивен граѓанин, дека не го одржуваат неговиот гроб и дека податокот од неговата биографија на Википедија и сличните сајтови дека тој е „голем американски композитор со руско потекло" е навреда за Русија и Русите. Чукун-внуката пак на Рахмањинов решително се противи на намерата и тврди дека гласините за неодржувањето на гробот се „категорично погрешни", но и дека славниот композитор го напуштил Советскиот сојуз затоа што Русија којашто тој некогаш ја знаел и ја сакал веќе не постоела.

1 септември 2015 - 11:57