Другарка за Белата куќа

Алисон Кенеди е американска комунистка која упорно работи на основната идеолошка кауза, освестување на работничката класа дека она што ѝ се нуди на избори, не е нивен избор. На избори редовно минува катастрофално но тоа не ја секира: кога комунисти воопшто дошле на власт со избори?

Есекс, Британија е необично место за кампања за следниот претседател на САД. Но Алисон Кенеди, американска политичарка и член на Социјалистичката работничка партија (СРП) токму таму оди од врата на врата за да зборува со Британците за Брегзит, имиграцијата и нејзината желба во својата татковина да започне револуција во кубански стил.

Ова е дел од нејзината европска турнеја која до сега ги вклучи Париз, Манчестер и Лондон, а во соработка со Комунистичката лига, британската „експозитура“ на СРП. Ова е втор пат Кенеди да се обидува да влезе во Белата куќа: во 2008 таа беше потпретседателски кандидат, заедно со партиски колега. Парот доби вкупно 7.577 гласови, или помалку од 0,01% од американскиот електорат.

Но колку и да звучи чудно, поентата на ваквата кампања на Кенеди воопшто и не е да биде избрана. Исто како и кандидатот на Комунистичката лига, Џонатан Силберман, кој неодамна се кандидираше за градоначалник на Лондон, таа не ги смета изборите како метод за рушење на капитализмот.

„Еден од начините на кои богаташите владеат во Америка е со тоа што ги убедуваат работниците дека мора да гласаат за помалото зло - и тоа овој пат го прават масовно, велејќи дека помалото зло е Клинтон. Нашата партија има поинаков став: ние сметаме дека обете страни ѝ имаат згрешено на работничката класа“.

Оттаму таа повикува на глас за Социјалистичката работничка партија како форма на протест. Работниците всушност и никогаш низ историјата не се избориле за свои права преку гласање, туку преку борба.

Кенеди во оваа смисла ги наведува борбите за граѓански права од 1960-тите и 1970-тите. Таа во 1975 била вклучена во активности против расната сегрегација во училишта во Лујсвил, Кентаки. А пак во доцните 1970-ти одиграла клучна улога во тоа компаниите за ископување јаглен да почнат да вработуваат жени (многу им се нашла). Од 1981 е еден од раководните членови на Обединетите рудари на Америка. Има работено во рудници во Алабама, Колорадо, Западна Вирџинија и Ута. На сите овие места била дел од организација на протести и демонстрации за подобрување на ситуацијата на работниците.

Она што во моментов ја загрижува е фактот дека работниците се привлечени кон Трамп заради неговите расистички и антиисламски пораки, исто како што и во Британија работниците гласале за да се излезе од ЕУ заради омразата кон доселениците.

„Клинтон изјави дека 50% од оние кои го поддржуваат Трамп се расисти, ксенофоби и сексисти, а тоа не е точно. Тие се работници кои го поддржуваат затоа што мислат дека тој ќе биде различен. Дека ќе ги поправи нештата, зашто не е дел од републиканската партиска машина“, вели таа. „Но Трамп истовремено не е човек на работничката класа“.

Таа смета дека американската политика покажува страв па дури и омраза кон работниците. Ги смета и Клинтон и Трамп за дел од истата машинерија, која им се обраќа на работниците иако не знае ништо за нивните животи и маки. А и покрај тоа што е прв афро-американски претседател, и Обама според неа спаѓа во оваа традиција - образован во престижни училишта и арогантен во однос на оние „под“ неговиот статус.

Ако биде избрана, Алисон Кенеди ветува дека ќе го искористи претседателствувањето за да ја предаде оваа функција на работничката класа. Според неа е потребна многу подобра организација, револуционерно движење, кое би ја презело политичката моќ. Ова е веќе постигнато во светот, а најдобриот пример според неа е - Куба.