Добар дел Европјани мислат дека ЕУ нема да постои следните 10 години

Многумина веруваа дека заради прочуената англиска самобендисаност (кога има магла на Ла Манш, островјаните викаат: Континентот е отсечен од нас), нивното заминување ќе значи похармонично европско семејство. Но, што Европјаните навистина мислат за ЕУ?

Најновите сондажи покажуваат дека иако во моментов само една третина од луѓето во ЕУ би гласале да ја извадат својата земја од Унијата (кога кај нив би имало референдум за тоа), Европјаните имаат крајно амбивалентни чувства кон заедницата. На пример, исто толкав дел луѓе веруваат дека ЕУ ќе престане да постои во следниве 10 години (такво мислење имаат не само европските маргиналци туку и основачите: 32% Французи и 28% Германци го делат тој став, меѓу Италијанците такви има 41%).

Кога во земјите од ЕУ би имало референдум како Брегзит, денес од Унијата би излегле само Чесите (47% наспроти 43%). И покрај сите кенкања, бучните Грци сепак би останале во ЕУ (54% наспроти 39%).

Иако мнозинството граѓани се за останување во ЕУ, не постои голем ентузијазам околу тој проект: Дури 81% Грци и 74% Италијанци сметаат дека европската политика е штетна за нивната економија. Не многу подобро мислат и Финците (67%), Французите (65%) и Шпанците (61%). Економски најоптимистични се Полјаците (74%) и Унгарците (72%).

Еден од најкритикуваните аспекти е европската политика кон мигрантите. Чувство дека ЕУ заебала во тој поглед немаат само најмногу засегнатите Грци и Италијанци. Дури и кај толерантните Холанѓани, само 32% наспроти 59% мислат дека ЕУ ефикасно се справува со тој проблем.

Во поглед на оптимизмот постои јасна граница меѓу оние во источна и оние во западна ЕУ. Прашани дали нивното дете ќе живее подобро од нив, балтичките земји се со над 50% потврден одговор, но меѓу Белгијците, само 5% веруваат дека нивното потомство ќе има подобри услови за живот од нив. Австрија,Франција, Германија и Италија не се далеку зад таквиот песимизам.

29 јуни 2017 - 07:37