Делта форс се обиделе да го спасат Џејмс Фоли

На почетокот од летото во тајна воена мисија две дузини командоси од Делта форс прават упад во нафтена рафинерија на северот од Сирија, во кратката престрелка ги совладуваат сите милитанти на ИСИС и откриваат дека таму нема ниту еден заложник.

Командосите со хеликоптери биле пренесени на сириска територија, а престрелката со милитантите во рафинеријата траела неколку минути пред хеликоптерите да се вратат назад и да ги соберат. Во акцијата имало еден лесно повреден командос.

Според нивни процени, комадосите само за неколку часа се разминале со заложниците.

Информацијата ја соопшти Пентагон на ден по обезглавувањето на американскиот новинар. Во исто време ова е прв пат администрацијата да признае дека американски војници оперирале на територијата на Сирија.

Пентагон не соопштил колку заробеници командосите се обидувале да спасат.

Њујорк тајмс пренесува изјавата на двајца анонимни претставници на Пентагон кои се гневни за тоа што администрацијата одлучила да објави за мисијата, бидејќи ова ќе ги натера ИСИС да го засилат обезбедувањето и ќе ги отежне сите идни мисии.

Од друга страна процената е дека администрацијата никогаш не планирала да ја открие оваа мисија, ама била под притисок на новинарите кои веќе имале неофицијална информација и се подготвувале да ја објават.

На пресот тие соопштиле и дека во ниту еден момент не ни помислувале да исплатат откуп за заложниците.

21 август 2014 - 10:03