Дали првиот амандман важи и за ИСИС?

Под влијание на заканата од ИСИС, кругови во САД почнуваат да ја преиспитуваат неприкосновеноста на најважниот столб на американското општество, првиот амандман кој ја гарантира слободата на говорот. А тие кругови не се само Доналд Трамп.

Нему му е лесно: загриженоста околу првиот амандман ја нарече будалеста. По него, треба да се разговара со Бил Гејтс и другите кои 'се разбираат во работата' за некако да се затворат опасните интернет страници.

Но и Хилари Клинтон смета дека владата треба да соработува со хостинг компаниите за да се замолчат џихадистичките страници и чет канали. Правни експерти велат дека тоа не би било кршење на уставот само доколку е доброволна одлука на компаниите а неуставно ако владата врши притисок врз приватни фирми во таа насока.

Уставното решение на САД е едноставно и прочуено. Слободата на говор не може да се ограничува доколку не предизвикува јасна и присутна опасност, и тоа како реална и конкретна опасност а не нешто што е опасно само во светот на идеите.

Но, дали ако некој извика "Пожар!" во преполна кино сала (во која нема пожар) и со тоа може да предизвика смртоносно стампедо е слобода на говор?

Никогаш порано во нашата историја сме немале непријатели надвор од нашите граници кои на толку ефикасен можеле да пропагираат опасни идеи на нашата територија. Способноста на ИСИС да шират идеи кои директно водат кон терористички напади бара од нас да размислиме за границите на слободниот говор", смета Ерик Поснер, професор по право на Универзитетот во Чикако.

Според него, притисокот врз големите платформи како Јутјуб или Фејсбук да ја отстрануваат опасната пропаганда не би биле доволно па предлага закон со кој би се обесхрабриле конзументите на таквите пораки. Со други зборови, би било илегално да се посетуваат сајтови кои ги величаат Исис и нивната кауза. Поснер смета дека на овој начин ќе се заштитат многу наивни луѓе кои од чиста љубопитност одат по такви сајтови или се интересираат за нив по пребарувачи.

Добар дел негови колеги реагираа дека ваквите идеи во пракса многу лесно можат да се извитоперат па наместо спречување на радикалната пропаганда да се добие суспендирање на различните мислења.

Идејата за јасна и присутна опасност е влезена во американските правни акти уште во 1919 година но во сегашниот облик е утврдена во 1969-та година, кога во случајот со еден член на Кју Клукс Клан е донесена одлука дека владата не смее да ги казнува запаливите говори доколку тие најверојатно не водат кон незаконски дела.

28 декември 2015 - 20:25