Дали Америка е подготвена за демократијата наречена Берни Сандерс?

Иако јавно се декларира како социјалист, нешто од кое политичка Америка веднаш ја фаќаат сипаници, Берни Сандерс засега остварува фасцинантни резултати, комплетно збунувајќи ја менталната матрица на која почива американското предизборие. Без разлика што ќе направи до крај, тој веќе ѝ покажа на Америка каква може да биде: голема и силна но наместо да дивее по светот, да се сврти кон себе и да поработи на порамноправно и поправедно општество.

Соединетите Американски Држави се прочуени по својот презир кон социјализмот и сè што мириса на социјализам. Во американскиот политички речник зборот "социјалист" главно се употребува како навреда.

И после, се појавува Берни Сандерс и за себе вели дека е демократски социјалист.

Роден е 1941- ва година, во семејство со полско-еврејско потекло. Целата политичка кариера му е доследно левичарска и слободарска:

- Собирал пари за корејските сирачиња по Корејската војна во 50-тите.
- Апсен е заради кршење на расната сегрегација.
- Во Вашингтон маршира заедно со Мартин Лутер Кинг.
- Уште пред 40 години се залага за полни ЛГБТ слободи.
- Застанува во одбрана на жртвите на американскиот империјализам и патува во Никарагва.
- Против е сите потези кои ги намалуваат социјалните давачки.
- Се залага за укинување на смртната казна.
- Се побуни против политиката на ММФ која ги осиромашува работниците.
- Организациите од цивилното општество го оценуваат со рејтинг 93-97 %.
- Гласно беше против обете ирачки војни.
- Го поддржа првиот црн кандидат за претседател, Џеси Џексон.
- Противник е на израелската политика кон Палестина.
- Ја поддржува де-криминализацијата на марихуаната.

Како независен кандидат трипати е биран за градоначалник на Барлингтон, најголемиот град во неговата матична држава Вермонт.  Третиот пат го победува заедничкиот кандидат на Демократите и Републиканците. Во неговите мандати за првпат се случува програма за општествени станови.Под мотото "Барлингтон не е на продажба" води кампања против претворање на големиот излетнички комплекс паркови „Waterfront Park" во деловен центар. Како независен кандидат влегува во Конгресот и потоа во Сенатот каде го држи најдолгиот сенаторски стаж во историјата на САД.

Токму во Вотерфронт парк, на една мала хипи забава ја објавува номинацијата за претседателски кандидат по што првите анкети не му даваат никакви шанси, предвидувајќи дека нема ни да собере доволно пари за кампања. Но, по урнек на претходната кампања "Барлингтон не е на продажба", објавува дека "Берни не е на продажба", ги одбива донациите на големите корпорации и своеволно го лимитира износот кој може да му биде дониран на 250 долари.

Само во првите 24 часа собира 1,5 милиони долари, повеќе од три републикански кандидати заедно. До денес има собрано преку 15 милиони долари мали донации, со просечна вредност од 43 долари. Се пријавуваат 175.000 луѓе како волонтери во неговата кампања. Од почетните 5 проценти поддршка во Ајова (која гласа прва па е битна за одредување на расположението), доаѓа до 33 процентна поддршка. На митинг во конзервативниот Тексас собира 4 пати повеќе луѓе од Доналд Трамп.

Основната порака која ја испраќа Сандерс е дека Америка станала држава по мерка на богаташите а не на граѓаните и работниците. Истакнува дека 6 финансиски институции во САД контролираат преку 60% од државниот БДП.

"Да бидеме искрени, нив не можете да ги контролирате. Дали би ги разбил банките? Апсолутно! Ако се преголеми за да пропаднат, преголеми се и да постојат," порачува Берни Сандерс.

Кампањата ја води со луѓе, на улици, за разлика од Хилари Клинтон која насекаде оди со 7 блиндирани возила. Освен шансата за поголема правда и еднаквост која во него ја гледаат, еден новостекнат фан на Сандерс открива и друга причина зошто тој успеа да ја прошири базата на која ѝ се обраќа и да исчекори подалеку од кругот на либералните демократи кои природно го поддржуваат:

"Она што најмногу ми се бендисува кај Берни Сандерс е кога ќе му постават прашање, тој го одговара прашањето"