Британските анти-имигранти во поморска борба со спасувачите на имигранти

Откако минатиот месец успешно беше спречена една мисија за спасување бегалци што го минуваат Медитеранот, британската крајната десница собра доволно донации истиот подвиг да го повтори уште неколку пати во текот на летово.

Анти-муслиманското и анти-имигрантското движење Идентитариан, често пати опишано како англиска (европска) верзија на американската алт-десница, за нешто помалку од три седмици собра околу 65 илјади евра со кои ќе можат да ги таргетираат бродовите на добротворните организации кои помагаат во спасување на бегалците.

Кампањата за собирање пари имаше цел од околу 50.000 евра, кои требаа да платат за бродови, патни трошоци и опрема за снимање.

Процените на Гардијан се дека доволно силни чамци на надувување кои достигнуваат брзина од 20 јазли можат да се купат за околу 11.500 евра. Тие би биле сосема доволни за да ги попречат бродовите на хуманитарните организации да го напуштат пристаништето. Во проба од минатиот месец француски идентитаријанци изнајмија чамец со кој користејќи методи слични на оние на Гринпис му попречуваа и го спречија бродот на една невладина организација да интервенира во спасување бегалци се до доаѓањето на италијанската крајбрежна стража.

Француската група основана за  "одбрана на Европа" на својот сајт пишува: "бродови преполни со нелегални мигранти ги преплавуваат европските граници. Се случува инвазија. Оваа масовна миграција го менува ликот на нашиот континент. Ја губиме нашата безбедност, нашиот начин на живот, и постои опасност дека ние Европејците ќе станеме малцинство во нашата европска татковина".

Борбата против бродовите на хуманитарните организации и нивно попречување се додека не се појави крајбрежната стража е во уверувањето дека НВО-та соработуваат со шверцерите на луѓе на носење колку е можно повеќе бегалци во Европа.

Според бројките на ИОМ годинава 1650 мигранти загинале обидувајќи се да го преминат Медитеранот, а речиси 6.500 биле спасени, од кои голем дел од хуманитарните организации што работат во регионот.

Претставниците на хуманитарните организации се гневни и на самите политичари за однесувањето на крајната десница, објаснувајќи:

"Кога британската влада и нејзините европски колеги зборуваат за наезда на мигранти, и го вртат митот дека спасувачките операции се олеснувачки фактор или такси служба, тоа им дава енергија на вакви групи. Едноставната реалност е дека без овие спасувачки операции би имало многу повеќе удавени, ама луѓето и понатаму би се обидувале да преминат."

5 јуни 2017 - 16:34