Бизнисот на киднапирање странци и луѓето што преговараат за нив

Фелата во себе е поделена на две страни кои заработуваат од овој бизнис - терористи и пирати кои киднапираат луѓе, и експерти за менаџмент на ризик и преговарачи кои се обидуваат овие луѓе да ги вратат живи. Жртвите им плаќаат на двете страни.

Главни предиспозиции за тоа дали ќе бидеш ослободен се:
- која националност си
- дали работиш за компанија која има осигурување за "киднапирање и откуп."
(По оваа равенка Џејмс Фоли уште од старт немаше многу шанси. Ем Американец ем не е осигурен од киднапирање.)

На страна она што се случува во Сирија и Ирак, најголемиот судир меѓу цивилизациите е во деловите од светот во кои западните корпорации освојуваат нови пространства (за искористување на ресурси), кои најчесто не се под целосна контрола на тамошните влади. Процената е дека осигурување на оваа тема имаат земено околу 75% од Форчун 500 компаниите.

Во Сахел регионот (Африка) каде што светските компании откриваат нови извори на нафта и руда, просечната цена за откуп на работник од Западот е околу 3,75 милиони долари. Ако сакаш сумата да ти е покриена со осигурување, полисите почнуваат од 150.000 фунти годишно.

Првата полиса за киднапирање ја издава Лојдс во 1932-ра, меѓутоа праксата се зачестува во 70-те кога започнува серија на киднапирање на сопругите на италијански банкари. Бизнисот останува трговска ниша се до 2008-ма, кога сомалиските пирати почнуваат да го привлекуваат вниманието на меѓународната јавност.

И покрај тоа што се вртат сериозни пари, функционирањето на овој бизнис се уште е во сива зона. Владите официјално одбиваат да преговараат со киднаперите за каков било откуп, додека корпорациите и осигурителните компании се во контакт со познати криминалци и убијци, а откако киднапираните ќе се вратат дома тие потпишуваат договори според кои не смеат ништо да кажат за целата работа.

Што се однесува до државите, САД и Британија имаат стриктна политика против плаќање откуп, иако знаат и да ја заобиколат. Затоа пак Европјаните, вклучувајќи ја Германија, Италија и Франција, преговараа со киднаперите за да осигураат безбедно враќање на своите граѓани, иако тоа повеќе пати го отфрлаа.

28 август 2014 - 13:32