Американскиот МH17

1988-ма САД и Иран веќе некое време се во притаена војна. Американците во Персискиот залив го имаат крстосувачот УСС Винсенс. На 3-ти јули Американците погрешно проценуваат дека еден ирански цивилен авион е воен и го соборуваат. Загинуваат сите 290 лица на авионот, меѓу кои и 66 деца.

Тогашниот американски Секретар за одбрана, Франк Карлучи

Двете несреќи (таа, со денешната во Украина) се слични по многу повеќе работи освен бројот на жртвите:

- Малезискиот Боинг 777 е соборен сред граѓанска војна во Украина во близина на границата со Русија. Иранскиот Ербус А300 заскитува во поморска битка во Војната на танкерите во теснецот Хормуз.

- Како што руските бунтовници мислеле дека соборуваат украински воен транспортен авион, така американскиот морнарички капетан Вил Роџерс 3-ти, го помешал Ербусот со Ф-14 ловец.

- Рускиот земја-воздух проектил SA-11, го собори малезискиот авион и уби 298 лица, вклучувајќи и 80 деца. Американскиот земја-воздух проектил SM-2, го собори иранскиот авион со 290 лица, меѓу кои и 66 деца.

- По минатонеделната несреќа, руските функционери кажуваа секакви лаги за да ја покријат својата одговорност и ја обвинија украинската влада. По инцидентот во 1988-ма, американските функционери кажаа најразлични лаги и го обвинуваа иранскиот пилот. Дури 8 години подоцна американската влада ги компензираше семејствата на жртвите и изрази "длабоко жалење" ама никогаш не се извини.

"Ова е посебно застрашувачки дела од сторијата. На 19-ти август 1988-ма, речиси 7 недели по настанот, Пентагон објави извештај за инцидентот од 53 страници. Иако во текстот не беше директно кажано, во него се открива дека речиси сите првични детали за соборувањето - фактите што американските функционери ги наведуваат за да го обвинат иранскиот пилот - се погрешни. А сепак, во истиот овој извештај, се уште се смета дека капетанот и сите останати офицери на Винсенс делувале правилно," пишува во Слејт, Фред Каплан, новинар кој и во 1988-ма го покрива соборувањето на иранскиот авион.

На 3-ти јули адмиралот Вилијам Кроу, во Пентагон ја одржува првата прес-конференција во врска со соборувањето. На 19-ти август, адмиралот Вилијам Фогарти објавува извештај за случајот. Има повеќе работи кои не се согласуваат меѓу двете верзии на Пентагон:

- На пресот адмирал Вилијам Кроу, изјавува дека иранскиот авион летал на 9.000 стапки и се спуштал со голема брзина од 450 чворови, директно кон УСС Винсенс. Во извештајот адмиралот Вилијам Фогарти, заклучува дека авионот летал на 12.000 стапки и тоа со брзина од 380 чворови, и дека во ниедно време авионот не ја намалил својата висина.

- Кроу изјавува дека авионот летал надвор од комерцијалните рути, извештајот на Фогарти заклучува дека авионот лета во воспоставените цивилни воздушни рути.

- Кроу тврди дека авионот емитува код на воен канал, извештајот тврди дека тој емитува на цивилен канал.

- Кроу тврди дека Винсенс испратил неколку предупредувања до авионот. Извештајот го потврдува ова, ама забележува дека "заради обемната работа на пилотот за време на полетувањето и искачувањето, и потребата постојано да се комуницира со две кули за контрола на сообраќајот, пилотот веројатно не го следел меѓународниот канал."

- Во 1988-ма Кроу изјавува дека Винсенс бил во меѓународни води, за во 1992-ра во емисијата Најтлајн на ЕјБиСи, Кроу да изјави дека за време на несреќата бродот бил во ирански територијални води.

И покрај тоа што имаше сведоштва дека капетанот Роџерс бил преагресивен во својата работа и дека непотребно влегол во ирански територијални води (заради што доаѓа до несреќата), во 1990-та тој добива Орден за заслуги за "одличната служба" како командант на Винсенс од "април 1987-ма до мај 1989-та."

Во 1996-та, администрацијата на Клинтон изрази длабоко жалење и на иранската влада и плати оштета од 131,8 милиони долари, од кои 61,8 милиони се за жртвите на несреќата.

Каплан објаснува дека нема намера да го правда Путин и тоа што се случило, ама дека треба да се има во предвид "дека вакви работи се случуваат кога се пресекуваат воените зони и нормалниот живот. Ова е најдобро да се избегнува, ама ако не може тоа да се направи, тогаш треба конците силно да се држат затоа што лесно знаат да излезат од контрола."

24 јули 2014 - 13:19