Американска чистка низ Сирија

Морнаричките Фоки и Делта Форс имаат убиено околу 40 клучни оперативци на ИСИС кои се одговорни за организирање напади низ Европа и Африка, собирање финансии за организацијата и регрутирање.

Според претходно необјавениот извештај на американските власти, елиминациите на овие луѓе придонеле во намалување на приливот на странски регрути на ИСИС, од околу 2.000 месечно во 2015-та на сегашните едвај 200 месечно. Ова е и еден од факторите кој влијае на падот на вкупната бројка на ИСИС борци од 33.000 пред една година, на меѓу 19 и 25 илјади годинава.

Американските специјалци стануваат значително поактивни во регионот откако минатиот декември американскиот секретар за одбрана објави распоредување на специјални сили во Северен Ирак. Очекувањето е опсегот и бројот на акции само да се зголеми откако Обама објави дека ќе испрати 250 дополнителни припадници на специјалните сили. Сите тие заминуваат со функција - советник.

Главен приоритет на листата на американските специјалци е мрежата на ИСИС оперативци виновни за "надворешни операции" чиј учинок до сега е: 60 напади во 21 држава и 1.000 жртви од јануари 2015.

"Најголемиот дел од ИСИС метите биле убиени во Сирија, од воени летала на специјалните сили, меѓутоа и од самите специјалци кои се обиделе во рациите живи да заробат неколку високи ИСИС мети. Сите оние кои пружале отпор на апсењето биле убиени," пишува Кимберли Дозиер за Дејли Бист.

Иако дел од убиствата во извештајот и претходно беа соопштени, одредени ликвидации не се објавуваат со цел да се следи како ИСИС ќе се однесува по нив, кого ќе контактираат, која им е процедурата, кој е замена, која е линијата на информирање и слично.

За разлика од претходната пракса, во акциите во Сирија и Ирак тимовите се составени од припадници на различни едници, на пример Фоки и Делта Форс, кои имаат обука за спасување заложници или за упади, се во комбинација со Зелени Беретки, кои специјализираат учење странски јазик и култура, и тренинг на локални сили.

28 април 2016 - 16:18