Путин лајкс дис

Америка ќе почне да казнува мирни демонстрации

Додека милиони луѓе протестираа против новиот претседател, во осум американски држави републикански законодавци на големо буткаат закони со кои се криминализира правото на мирен протест. Како оправдание за рестрикциите се наведува сообраќајот, енергетската стабилност, опремата и слично.

Минесота, Вашингтон, Мичиген и Ајова беа првите федерални држави во кои во процедура влегоа широк спектар законски амандмани предложени со цел „да се воведе ред“ во демонстрирањето, едно од темелните начела на демократијата и американскиот устав.

Во Дакота конзервативците имаат дури и предлог да се простува прегазувањето демонстранти доколку се утврди дека тоа било неизбежно.

А во Индијана, минатата недела се дигна галама околу предлог законот со кој на полицијата ѝ се дава право „со сите расположливи средства“ да ги расчистува улиците од протестанти.

Вирусот на рестрикциите последни ги зафати Вирџинија и Колорадо. Во вторава држава, во која има доста протести против индустриите кои користат фосилна енергија, се таргетираат токму демонстранти на тема човекова околина па според предлог законот, оние протести на кои се опструира енергетска (нафтена или плинска) опрема ќе се преквалификуваат во кривично дело кое повлекува 18 месеци затвор и казна до 100.000 долари.  

Во Вирџинија предложените мерки се со поширок дијапазон па се однесуваат на „незаконско собирање“ откако бил упатен „законски повик за разидување“. Ним казните ќе им се зголемат од 500 на 2.500 долари.

Противниците на законот велат дека ако тој пројде, студенти кои протестираат со мирно седење, многу лесно можат да завршат осудени на затвор од една година.