Зошто некои Европјани ја мразат ЕУ?

Вашингтон пост на своите американски читатели им објаснува седум причини поради кои на некои Европјани им се дига коса на глава кога ќе слушнат Европска Унија.

1. Затоа што дебело плаќаат за бирократите на ЕУ

Дури и кога цели нации во ЕУ беа подложени на ригорозни мерки на штедење во што спаѓаше и намалување на платата на државните службеници, повеќето вработени во администрацијата на ЕУ продолжија да добиваат великодушни примања со минимално оданочување. Британски Телеграф - кој е анти ЕУ - обелодени дека повеќето службеници на ЕУ од средниот ешалон земаат поголеми пари од британскиот премиер Дејвид Камерон.

2. Бизарни трошоци за патувања

Регулативата вели дека Европскиот Парламент може да заседава само во Стразбур, Франција. А главнината од  ЕУ активностите се одвиваат во Брисел, Белгија. Па така, еднаш неделно, цела една армија луѓе - околу 10.000 законодавци, помошници, службеници, лобисти, новинари и сè друго - патуваат пет часа во Стразбур. Тоа е како нашиот (американскиот - заб. прев.) Конгрес да треба да носи еден закон неделно а тоа да мора да го прави во Кливленд. А нивниот парламент има 751 член и - пазете ова - не може сам да предложува закони туку може само да ги гласа оние предлози кои му доаѓаат од (од никого) изгласаната Европска комисија. Трошоците за одржување две парламентарни седишта изнесуваат 200 милиони долари годишно.

3. Претерување со регулацијата

Фамозната "закривена банана" стана симбол за екстензивноста на европската регулатива кога Брисел најде за потребно да издаде детални упатства и за тоа како изгледа една банана прецизирајќи дека таа треба да биде "ослободена од малформации и абнормални закривености". Оние кои го заговараа Брегзит порачуваа дека Британците се способни и сами да решат колку една банана треба да биде закривена.

4. Немање одговорност

Големите одлуки во ЕУ се носат зад затворени врати, или во Европската комисија или на средбите на лидерите или шефовите на дипломатиите. Кај националните законодавства, поголем дел од процесот "како се прават кобасици" се одвива јавно. ЕУ моќниците се ценкаат зад кулиси и потоа само ги соопштуваат зделките, оставајќи им на новинарите да си играат детективи и да мозгаат што се случувало во политичката конклава.

* Види ја статијата "Како функционира Еврогрупата" во која Варуфакис сочно открива како тоа се прави.

5. Игнорирање на одбивањата на гласачите

ЕУ има долга историја да прифати некое негативно гласање во некој национален парламент а потоа со процедурални финти да дојде до истото решение кое било одбиено. Кога Франција и Холандија го одбија европскиот устав во 2005, тоа учтиво беше поздравено но две години подоцна се излезе со нешто што се викаше "Договорот од Лисабон" кој содржеше многу исти одредби на кои се спротивставија луѓето од овие две земји. Со други зборови, ја наметнаа истата воља само што вториот пат одбраа процедура по која не мора да бидат прашувани гласачите.

 6. Трошоците за јазичниот Вавилон

Бидејќи не постои еден службен јазик, сите јавни документи се преведуваат на сите 24 официјални јазици на Унијата. Европската комисија вработува 1.750 лингвисти, 600 постојано вработени преведувачи и 3.000 јазични хонорарци.

7. Кумулирање на бирократијата

Секоја држава има право да постави свој комесар кој води агенција. А бидејќи ЕУ се шири, се формираат нови агенции за да го парираат бројот на членки. Па така денес постои комисија за меѓународна соработка и развој,  друга за трговија, трета за вработување, развој, инвестиции и конкурентност, посебна агенција за економски и финансиски прашања, посебна за внатрешен пазар и индустрија, посебна за мали и средни бизниси.

26 јуни 2016 - 11:55