Зошто најстарите луѓе на светот бргу умираат?

Кога Гертруде Вивер на свои 116 години беше прогласена за најстара на светот таа дневно имаше по неколку телевизиски појавувања и исто толку телефонски интервјуа. Со помош на нејзината 73-годишна внука, таа нудеше теории за долговечноста („напорна работа", „сакај го Господ"), па дури и го покани Обама на нејзиниот следен роденден. Но нејзината титула на најстара на планетата траеше кратко - само пет дена - затоа што таа набргу почина.

Вивер е дел од група која бргу исчезнува, отворена само за оние кои во еден момент од животот биле најстари на светот. Но тој мандат веќе не е толку долг како некогаш. Петте дена на Вивер се навистина кратко време, но и просечното траење на титулата не е кој знае колку долго, и според Геронтолошката истражувачка група во САД изнесува околку една година, со тенденција на намалување. Најкраткиот мандат досега го имала извесна Ема Тилман, која умрела по само 4 дена откако станала најстарата на планетата во 2007.

Кога умрела, Вивер била седма по старост во пишаната историја - жената пред неа, Мисао Окава од Јапонија, умрела еден месец откако наполнила 117 (таа својот долг живот го припишувала на долго спиење и многу суши). Во моментов најстарата личност на светот, Џералеан Тали, едно од 11 деца на фармери од Џорџија, со нејзините 116 е 12та најстара личност во историјата.

Суперстогодишниците - луѓето кои живеат по нивниот 110-ти роденден, како да се направени од поинаков материјал во споредба со другите луѓе. Имаат помалку здравствени проблеми, и се и физички и психички во многу подобра форма од нивните врсници во текот на 80-тите и 90-тите од нивните животи. Вивер, на пример, не се преселила во дом за стари до нејзината 109-та. Како што навлегуваме во доба со помалку војни и болести, сè повеќе вакви луѓе со супериорни гени на долговечност доаѓаат до моментот кога можат да се пофалат дека се најстари на светот - на врвот веќе се создава и гужва.

Но иако луѓето се повеќе стареат во просек, најстарите сè уште умираат отприлика на иста возраст. Оттаму, кога некој ќе ја преземе титулата, тој (а најчесто таа) нема уште многу време. Просечната возраст на најстарите во текот на последниве 40 години пораснала од 112 на само 114. 90% од супер стогодишниците се жени, а некои научници велат дека ова се должи на двата Х хромозоми кои ги имаат жените. Најголемиот број од нив доаѓаат од Јапонија и САД, но ова можеби е резултат на полошата состојба со собирањето податоци на други места, кадешто недостасуваат изводи од книгите на родени за оние најстарите.

28 мај 2015 - 11:37