Зошто малцинствата гласаат за крајна десница?

Историски на спротивставени страни, малцинствата и радикално десничарските партии во Европа стануваат неочекувани сојузници. Првите затоа што во десницата гледаат единствена ефикасна заштита од радикалниот ислам, вториве заради добивање поширок кредибилитет во јавноста.

Леон де Винтер, еврејски бестселер писател од Амстердам, признава дека ставовите на холандскиот радикал Герт Вилдерс кој сака да ја „деисламизира“ Холандија се политички некоректни и нецивилизирани. Но тој сепак го поддржува контроверзниот лидер, нарекувајќи го „нужност во денешната политичка ситуација“.

Уште еден интелектуалец, овој пат од Франција, хомосексуалецот Бруно Клавет, е свесен за хомофобичните ставови на Националниот фронт, но смета дека оваа десничарска партија е единствената која во неговата земја се залага за она што нему му е најважно: намалување на имиграцијата, преземањето на контролата врз ЕУ и промовирање на цврст став контра исламскиот фундаментализам.

Дури и Полјаците, кои се една од фрустрациите на Британците кога станува збор за имиграцијата, ја поддржаа Партијата за независност на Британија (UKIP), која промовираше излез од ЕУ. Партијата во еден момент дури формираше и полски фан клуб.

Гласот на малцинствата за популистичките партии не го менува драстично политичкиот пејсаж. Сепак, нивната поддршка значи шанса овие да ги отфрлат обвинувањата за расизам, анти-семитизам и хомофобија. Привлекувањето на вакви гласачи им помага да се ребрендираат и да навлезат подлабоко во мејнстримот на политичката сцена.

„Популистичките партии објаснуваат дека тие не се расисти во традиционалната смисла, ниту пак дека им е гајле за нечие етничко потекло, туку дека се фокусираат на културното и социјалното однесување на поединците“, вели Ерик Фреј, уредник на австрискиот Дер Стандард.

Тој дообјаснува дека радикално десната Партија на слободата во Австрија (основана од поранешни функционери во нацистичката партија во 1950-тите), им се додворуваат на малцинствата, вклучувајќи ги и Евреите, не затоа што им се потребни нивните гласови, кои се минимални, туку заради заштита од обвинувања дека се преблиску до старата нацистичка идеологија. „Тоа те прави поприфатлив, и национално и меѓународно“, заклучува тој.

Една од главните причини за привлечноста на овие партии кај оние сегменти од општеството кои во некое друго време веројатно би им свртиле грб е подемот на Исламската држава. Ова особено важи за Евреите, чии училишта и синагоги во Холандија се чувани од воената полиција. И австриските Евреи се загрижени за новата форма на антисемитизам која се шири низ муслиманските заедници. Уште една причина зошто ова малцинство во Европа гласа за порадикалните партии е и бледата порака за отвореност и толеранција на либералните елити, во ситуација кога тие самите често си го покажуваат вистинското лице, на крајно нетолерантни луѓе и политичари.

Истовремено, треба да се земе предвид и дека крајната десница не е монолитна во Европа. На исток, голем број партии промовираат расизам и длабоко конзервативни семејни вредности. Но на запад крајната десница самата се има прогласено за бастион на „европските вредности“, кои вклучуваат и сексуална толеранција и родова еднаквост. Така се случува кандидат од мејнстрим десницата да е далеку поконзервативен кога станува збор за семејни прашања од кандидатот на радикалите.

Таков е случајот со Марин Ле Пен, во чија партија има силно традиционалистичко крило, но таа самата е два пати разведена и има заменик кој е геј, па го претставува модерното лице на партијата, чистејќи го партискиот имиџ од баластите кои ѝ ги остави татко ѝ а кои ја лимитираа во добивањето поширока поддршка. 

Се разбира, добар дел од социо-културните малцинства и натаму се сомничави кон сменетата реторика на крајната десница и нивната нова инклузивност. Некои се плашат дека тврдокорните европски конзервативци се против тоа Исис да ѝ кажува на жената што да прави, само за да можат тие да ѝ кажат каде и е местото.