Зошто гневната бела Америка падна на Путин?

Она што Американците го водат како - Русија се мешаше и ги намести изборите за Трамп, во пракса е обвинување дека руски хакери нелегално стекнале доверливи информации од мејловите на демократите, па им ги дале на медиуми да ги објават. Проблемот е што како никогаш до сега ова не им пречи на дел од Американците, посебно на оној дел што гласаше за Трамп.

Питер Саводник во Ванити феир објаснува дека најдоброто во ситуацијата е што во реалниот свет, теориите на заговор е речиси невозможно да се изведат.

"Владимир Путин не работеше тајно на подемот на Доналд Трамп затоа што не ни можеше тоа да го изведе. (Кој би можел да биде сигурен дека Марко Рубио толку лошо ќе мине на дебатата пред партиските избори во Њу Хемпшир? Кој би можел да знае дека Трамп нема да ги изгуби изборите заради снимката од автобусот?) Меѓутоа како што последните откритија покажуваат, кога се појавила можноста гласачите да се мрднат за еден или два поена во корист на одреден кандидат, Кремљ ја искористил таа можност. Ова е многу поразлично отколку поставување Манџурски кандидат во Белата куќа. Ова едноставно е искористување на околностите кои никој, вклучувајќи ги и Русите, не можеле да ги предвидат," пишува Саводник.

Продолжувајќи со Манџурски кандидат сценариото, Саводник објаснува дека главната околност што Русите не можеа ни да ја претпостават е дека ќе им успее да влезат во американската политика преку Републиканците, кога историски нивна влезна точка се сметаа левите партии и здруженија.

"Ама во некој момент во последните 25 години, основните граници во Америка се поместија. Оние кои беа најподложни на надворешно програмирање повеќе не беа урбаните, прогресивни, добро образовани и шетани луѓе, туку гневните, отпуштени поранешни фабрички работници кои веруваат дека нивната Америка им е украдена од страна на космополитите во Њујорк, Вашингтон и Силициумската долина. Општоприфатеното мислење е дека овие гневни орди се неандерталци - малограѓани, несвесни или незаинтересирани за светот. Ама не е така. Како и нивните либерални, космополитиски претходници, гневните орди се транснационални, ако не интернационални, и имаат земјаци во Британија, Холандија, Германија, Австрија, и подалеку. Овие луѓе не се врзани од заедничка политика или програма, колку што се од заеднички расен идентитет - бел национализам изроден од омразата кон мултикултурализмот и комплексната меѓузависност прифатена од Давос класата. Ова е глобален анти-глобализам, и тој се одрази во Трамп, Брегзит и Ле Пен," објаснува Саводник.

Оваа промена не се случува тек така и според Саводник има многу причини кои доведуваат до неа во последниве 25 години, она од што Русија извади најмногу корист е што таа ним им изгледа како "последна тврдина на белата гордост", наспроти промените во САД или Европа која меѓу другите има прифатено и социјалисти и муслимани.

"Барем вака Русија се има себеси претставено, и е перципирана, од голем број од новата американска десница - гневна орда, на бели националисти кои сакаат нивната земја да им биде вратена. Вакви симптоми имаше и во 90-те, кога гневни белци летаа во Москва или Санкт Петербург или Киев, а потоа и во Томск, Омск и Владивосток, во потрага по убави Русинки, кои ќе ги заменат нивните жени феминистки во Америка. Она што тие го обожаваа кај Русинките е дека тие не само што биле преубави, туку и прилично послушни. Нивните вредности биле на место. Кога овие мажи зборуваа за американски жени, тие секогаш звучеа огорчено. Американките не знаат како да задоволат маж; не носат шминка; не готват; се запустуваат. Овие мажи доаѓаа од Арканзас, Охајо, Пенсилванија, Тексас, и тие беа заљубени во Русија бидејќи беше преполна со убави бели девојки кои се однесуваа како што жена треба да се однесува.

Изборот на женски партнери на Трамп ги одразува желбите и наклоноста на овие гневни бели мажи - од кои многумина сега се негови најголеми симпатизери. Две од неговите три сопруги доаѓаат од словенски, екс-комунистички земји. Неговиот најкраток брак е со Американка. Кога Трамп го фали Путин тоа веројатно не само затоа што сака да изгради хотел во Санкт Петербург или затоа што неговиот поранешен менаџер на кампањата наводно има заработувано во Украина. Тоа веројатно е затоа што Трамп мисли, исто како што мислат и голем број од неговите симпатизери, дека на Русите им е јасно како треба.

Сето ова објаснува зошто толку многу симпатизери на Трамп не се одвратени од информацијата дека руското разузнавање или руското воено разузнавање се мешале во американските избори. Можеби Русите ги хакнале Демократите или шират лажни вести. Како и да е. Ништо не знаеме со сигурно, па и да знаеме, на кој му е гајле? Ставот е - па тие и онака се од наша," пишува Саводник.

13 декември 2016 - 10:59