Зошто Европа тајно навива за Трамп

Иако јавно се згрозени од секој потег на Трамп и од помислата тој да стане претседател на САД, добар дел од актуелните европски политичари веруваат дека на крај може ќе има и некаков ќар од неговиот претседателски мандат.

И да не е Трамп, не треба да се има заблуда дека ЕУ и остатокот од континентот се посебно големи фанови на Соединетите држави, двете страни имаат недоразбирања за сè од ГМО до Гвантанамо, дроновите и смртната казна.

Пет причини заради кои дел од европските политичари тајно навиваат за Трамп, според магазинот Политико се:

- Крај на слободната трговија: ТТИП договорот и онака неколку месеци е на апарати за одржување во живот. Победата на Трамп ќе ги уништи сите преостанати надежи за успех и потпишување на договорот.

- Создавање на ЕУ армија: САД со децении ја гарантира безбедноста на Европа преку НАТО пактот, зависност која колку што заврши работа, толку е критикувана од двете страни на Атлантикот.

Иако Европа нема ни приближно воени ресурси како САД, земјите на ЕУ може да бидат присилени на формирање сопствена заедничка армија доколку Трамп ги оствари своите ветувања за напуштање на Пактот, или барем непочитување на обврските.

- Крај на масовното прислушкување: Иако не е така драматично како што го прават, голем број Европејци веруваат дека САД ги прислушуваат нивните телефони и други видови електронска комуникација. И покрај споровите што ги имаат на темата, ЕУ и понатаму соработуваат САД на масовното прислушкување, главно за да имаат пристап до податоците околу муслиманските терористи. Победата на Трамп ќе значи крај на таквата соработка.

- Удар на Вол стрит: Влијанието на банките од Вол стрит врз Европа редовно е еден од најгорливите проблеми на антиамериканските елити во Европа. Речиси и да нема теорија на заговор околу финансиската криза во ЕУ која не го вклучува Вол стрит како еден од главните причинители.

Ова најдобро се виде во галамата што се крена кога поранешниот претседател на Европската комисија, Баросо, по завршување на мандатот се вработи во Голдман Сакс. Јункер минатата недела побара да се спроведе истрага околу вработувањето на Баросо, објаснувајќи "Голдман Сакс беше една од организациите кои придонесоа за финансиката криза во 2007-2009, па не интересира зошто баш оваа банка."

- Schadenfreude: Ова веројатно е водечка сила. Иако Европејците никогаш не паднаа на тврдењата за супериорноста на САД, тие со децении мораа да ги трпат "приказните" за американската надмоќност. "Победата на Трамп ќе покаже дека САД не се ништо поразлични од Континентот: подеднакво дисфункционални, подеднакво ранливи на најосновните инстинкти и подеднакво подложни на лажни ветувања на демагози."

23 септември 2016 - 15:00