Засади ја својата иднина

„Урнабиос" е компанија која произведува урни што се претвораат во дрвја. Што има во нив? Нечии роднини и пријатели, од кои со тек на време може да изникне цреша или даб. Штета што кај нас сè уште нема крематориум, инаку од сега ќе си резервиравме по еден баобаб.

Самиот сад на урната е биоразградлив а содржи, освен човечка пепел, и семиња од дрвја по избор - така човечките остатоци се претвораат во нов, зелен живот.

Компанијата, иако релативно нова, веќе има продадено повеќе од 20,000 вакви еко-урни, што покажува одреден тренд на еколошки погреби. А ако идејата од вас да никне дрво ви изгледа прерадикална, или се плашите дека некој би можел да ве исече од инает па и постхумно да не бидете раат, има и опција да бидете погребани во шума. Само во Германија има над 300 шумски простори кои се доделени за вакви, природни погреби.

На овој начин фирмата FriedWald до сега има погребано 54,000 луѓе, додека други 135,000 веќе се имаат регистрирано за ваков тип последно испраќање. Претставник на компанијата објаснува дека свежиот воздух, дрвјата, треперењето на листовите и пеењето на птиците за многумина се утешни, а тоа се моменти кои вообичаено не се доживуваат на стандардните гробишта. Тука нема ни крстови, ни друг тип на верско обележување, туку само дискретна плакета закачена на дрвото. Исто така нема потреба од чистење на гробот и грижа за цвеќињата - работите тука си се одвиваат природно, зависно од годишните времиња.

Британскиот антрополог Хана Рамбл неколку години истражувала зошто луѓето се одлучуваат за ваков тип на погреб. На крајот сè се сведува на едно - да се биде повторно вклучен во природниот циклус.

„Бидејќи телото не е мумифицирано, гробовите се поплитки и сандаците се биоразградливи, телото станува извор на нов живот", вели таа. Ова на некој начин ги теши луѓето, им создава чувство дека умирачката не е крај на нивното постоење, туку дека на овој начин си го продолжуваат животот. Сопственото рециклирање има врска и со генералната еколошка свест за потребата од обнова на ресурсите, без оглед дали е тоа рециклирање на пластично шише или на починато човечко тело. Во обата случаи нешто продолжило, како цикличен процес, кој освен тоа како концепт е вграден и во религиите и митологиите на голем број народи и култури.

Луѓето кои се одлучуваат за ваков тип погреб не секогаш се атеисти, па голем број погреби се придружени со христијански обреди. Цената на погреб под дрво во шума почнува од 770 евра, но во тој случај треба да делите дрво со уште тројца туѓинци. Семејно дрво со до 10 места за погребување чини 3,350 евра или повеќе, зависно од локацијата, погледот и типот на дрвото. Сепак, ова е многу поевтино отколку стандардните погреби во Германија или Швајцарија, каде засега нуди услуги ФридВалд. Урните пак од почетокот на текстот чинат само 150 евра.

Статистички, повеќето бираат јавор.

Чисто против шубе од прочитаното, ако веќе се замисливте со гранки место раце, епитафот може да гласи оптимистички: „Ајде, па голем да растеш".

4 април 2015 - 14:58