Вселенски земјоделци

Земјоделството никогаш и никаде не било лесна работа, ама па и никогаш и никаде не било толку напорно да обработуваш земја на планетава за да решиш дека веројатно повеќе ти се исплати да почнеш со аграр во вселена.

Норвешки научници (со ЕУ пари) започнаа проект во кој ќе истражуваат како би можеле да одгледуваат земјоделски култури во вселената, област озогласена меѓу земјоделците по тоа што (за почеток) нема ниту вода, ниту кислород, ниту почва.

Научниците од норвешкиот Универзитет за науки и технологија во Трондхајм, планираат растенијата да им обезбедат храна и кислород на идните вселенски патници. Тие уште не се решени што точно ќе садат и ќе одгледуваат, ама за сега ги разгледуваат доматите, зелена салата и соја.

Истите истражувачи се обидуваат да одгледуваат растенија во вселената уште од 2006-та, ама ништо хранливо, туку едно полско цвеќе (Arabidopsis thaliana). Еден од главните проблеми во новиот проект е да се открие точната количина кислород и хранливи материи, што на растението му е потребно при така ниска гравитација.

Истражувачите од МЕЛИССА вселенската програма претпоставуваат дека ќе имаат комплетно функционален затворен екосистем во вселената некаде до 2050-та. До тогаш и Норвежаните би требало да се завршени со својот проект, за да им обезбедат поддршка на сите што ќе живеат и работат во овој еко-систем.

22 ноември 2014 - 12:30