Во неуспешната кампања на Хилари

Кривицата за неуспехот на Хилари да порази сенилен ТВ водител, според Демократската партија, паѓа комплетно на Русија, сиромашните белци, Берни Сандерс, и.тн. Кривицата никако не паѓа на тоа што нејзината кампања страда од исти пропусти како и во 2008: дезорганизиран кадар кој се мачи да дефинира јасна и убедлива порака за нивниот невозбудлив кандидат од естаблишментот.

Алекс Николс во Аутлајн пренесува (брутално) сведоштво на новинарите Џонатан Ален и Ејми Парнес од кампањата на Хилари, во кое кандидатката е опишана како "некој кој е крајно некомпетентен во управување со какво било ниво на власт". Самото тоа што двајцата новинари, инаку либерали кои имаат работено Политико, ја имаат објавено книгата Shattered: Inside Hillary Clinton’s Doomed Campaign, Николс го толкува како доказ "дека таа и нејзиниот сопруг повеќе не ја влечат истата моќ што некогаш ја имаа".

Според нив самата кампања на Хилари е катастрофа уште пред да почне во 2015.

"Исто како кога се кандидираше против Барак Обама во 2008, Хилари беше сметана за кандидат на естаблишментот, и нејзината кампања не успева да испрати јасна порака. Авторот на говори на Обама, Џон Фавро, уште на почетокот беше донесен во кампањата за да го набилда првиот говор на Клинтон со кој беше објавена нејзината номинација. Меѓутоа тој брзо напушта, порачувајќи дека целата операција потсетува на неуспешната кампања на Џон Кери од 2004.

По негови зборови: '... еден куп оперативци кои беа паметни и успешни сами по себе ама не беа обединети од ниту една заедничка цел што би била повозвишена отколку само туркање на невозбудливиот кандидат до Белата куќа.'

Решението на проблемот со испраќање конзистентна порака се решаваше со ангажирање на уште повеќе (секогаш блиски на Клинтон) стратези и пишувачи на говори. Само Клинтон можеше со сигурност да знае зошто сакаше да биде претседател, ама таа избра да ги остави другите да одлучуваат за нејзе. Како што еден анонимен советник им кажа на Ален и Парнес, Клинтон едноставно немаше причина да се кандидира за претседател освен за да ги продолжи политиките на естаблишментот од нејзиниот претходник," пишува Николс.

Книгата ја претставува Клинтон како избувлива и често пати отсутна шефица, опседната со протекувања информации, внатрешни битки и заривања ножеви во грб меѓу нејзините луѓе. Освен Хилари во книгата го има и другиот Клинтон, за кого пишува дека често пати имал испади на дерење, кон првиот човек на кампањата, Подеста, кон менаџерот на кампањата, Роби Мук, а во неколку прилики и кон целиот персонал што работи за Хилари. Во тој поглед, Хилари повеќе настапува пасив-агресив.

Најголема причина за внатрешни расправии се мејловите на Хилари од Стејт Департментот. Нејзините луѓе губат повеќе од една недела на тоа како е најдобро да се реагира, пред да објават официјално соопштение. Подеста и други од кампањата сметаат дека Хилари треба јавно да се извини за користење на приватниот меил, Бил се противи сметајќи дека тоа ќе и наштети. Одолговлекувањето само и дава повеќе сила на сторијата, која станува национална вест и започнува круг на негативни вести кои ја следат низ цела кампања.

Некаде во јули 2015 (скандалот избива во март годината) луѓето на Хилари го организираат нејзиното прво телевизиско интервју во кое треба да зборува за мејловите. Дури и ова минува многу несреќно, откако Хилари не се разбира со своите луѓе за тоа со кого сака да го прави интервјуто. Па иако таа ја бара "Биана," новинарката од Јаху Њуз и сопруга на еден поранешен помошник на Хилари, на нејзините луѓе им се слуша "Бриана" и ја закажуваат новинарката на Сиенен Бриана Килар, која беспоштедно ја пердаши Клинтон на повеќе прашања.

Оваа грешка е темата на уште еден од изливите на нервоза на Бил Клинтон, кој за тоа ги строи луѓето од кампањата, во тоа добивајќи поддршка од Хилари.

"Дури во септември Хилари се извинува и ја презема одговорноста за мејловите, ама тогаш веќе, како што велат Ален и Парнес, тоа е премалку и предоцна - скандалот веќе е зацементиран во јавното мислење," пишува Николс.

Една од анегдотите во книгата се однесува и на тоа како неподготвеноста и преголемата самоувереност на кампањата на Хилари доведуваат до поразот од Трамп.

"Бил Клинтон ги предупредил луѓето од кампањата на неговата сопруга дека не треба да се потценува десничарското популистичко движење за брегзит, меѓутоа Роби Мук инсистира дека неговите податоци покажуваат спротивни резултати. Речиси цела стратегија на Клинтон се базира на аналитиката на Мук, која се базира на анкетите и на двете победи на Обама, на тоа дека демократите се силни Средниот запад и дека таму не треба да се трошат на кампања на терен.

Меѓутоа неговите аналитики се погрешни на неколку начини. Тие премногу се базираат на застарени податоци, бидејќи Мук одбива да плати за нови анкети во последните три седмици пред изборите. Тие ја преценија крајната излезност на гласачите, откако видоа големи бројки на  предвременото гласање. И најважно, тие преценија колку околии од Средниот запад кои гласаа за Обама ќе гласаат и за Хилари. Додека Трамп се концентрираше на државите каде неговата порака во корист на производството најмногу беше прифатена, Хилари се обиде да го прошири својот блок вон сините држави кон Северна Каролина и Аризона, па и двете ги изгуби," пишува Николс.

Во октомври, пред изборите, пак им се случува меил скандал, овој пат мејловите на Џон Подеста завршуваат на Викиликс. Содржината не е толку проблем, колку што е начинот на кој Хилари реагира на нив. Тие на секоја сторија за новите мејлови реагираат со напади на Трамп, што покажува уште една важна слабост на кампањата "проблем во привлекување бројност преку позитивна порака".

"Книгата го остава читателот со впечаток дека Клинтон е антихеројот. Како што доаѓаат резултатите од изборите и станува јасно дека податоците на Мук се погрешни, Клинтон му се јавува на Обама за да му се извини. Наместо да се соочи со трауматизираната толпа која ја очекува нејзината победа во Џавитс центарот во Њујорк, таа го испраќа Џон Подеста.

Од денешна гледна точка сè посочува на пораз на Клинтон. Таа беше кандидат на статус-кво сред анти-естаблишмент година. Нејзиниот дисфункционален кадар од најнеподносливи пицајзли не можеше да се стабилизира доволно долго за да ги убеди Американците дека таа ги заслужува гласовите. Ова отвори простор за најглупиот, најдебелиот, најстариот, најмалку-квалификуваниот претседател во американската историја.

Додека се подготвуваше да го прочита својот говор за признавање на поразот, Клинтон на своите советници им вели 'Ова беше мојата последна трка'. За тоа фала му на Бога," завршува Николс.