Во Белата куќа има само еден човек кој може да му пркоси на Трамп

Њујорк Тајмс на психијатриски кауч го става Доналд Трамп и неговиот терсене табиет заради кој никој во Белата куќа не смее да помисли да му зуцне а не па да му каже дека некаде погрешил или претерал со Твитер. Освен еден човек.

Доналд Трамп е човек кој лесно си наоѓа опсесии. Последниве три недели нема појака опсесија во која е заплеткан од сомнежот дека Обама му ги прислушува телефоните.

Иако јавно е (пре)сигурен во себе и се чалами дека е паметен човек, блиски извори велат дека тој е гонет од постојана потреба да им се докажува на противниците и да наоѓа начини да ги убедува дека ја заслужува актуелната титула. Оттука, сите муабети околу Русија и истрагите на ФБИ ги доживува како обид тој да се делегитимира и да му се оспори изборната победа.

Во таа мака, над глава му стои не милата му мајка туку заебаниот му татко, Фред Трамп, вреден но строг и амбицозен агент со недвижини кој товарот на успехот го има фрлено врз плеќите на Доналд уште од мали нозе. Велат дека Трамп постојано во глава ги врти советите од татко му и се обидува да смозга како тој би реагирал и што би решил во некоја ситуација.

„Тој денес не прави ништо ново, таков е последниве 45 години„, вели за Доналд Трамп главен уредник во Блумберг.

„Тој е длабоко несигурен околу тоа како околината и светот го доживува, дали го смета за компетентен и дали му признава дека го заслужува она што го има. Кај него постои неугасива жед за потврдување и љубов. Затоа никогаш не може да биде мирен, дури и кога му е тоа најпаметно“.

Њујорк Тајмс го потврдува она што сите го знаат, дека главен човек во неговиот кабинет е Стив Банон. Но истовремено наведува дека во целата постава на Белата куќа постои една, дури  парализирачка немоќ на Трамп да му се каже дека некаде можеби погрешил или претерал на Твитер.

Исклучок можеби е Гери Кон (Брокеро), главниот економски советник на Трамп за кој се пренесува следнава анегдота.

На еден скорешен состанок во Овалната соба, говореше Кон кога Трамп го прекина. „Остави ме да завршам!“ му врати Кон. Ненавикнат да отстапува пред кого било, Трамп сепак му дозволи да ја заврши мислата.

22 март 2017 - 09:38