Уште ве лажат демокративе?

Насловот на оваа вест кој е парафраза на легендарниот скеч на К-15 (Уште ве лажат комунистиве?) произлегува од една педантна анализа на илјадници конкретни политички одлуки во САД, земја горда на силината на своето јавно мислење, која убедливо покажала дека гласот на милионите е небитен во споредба со оној на лобистите на елитите.

1,779 случаи на предложени политички промени во Конгресот покажуваат дека "економските елити и организираните групи кои го претставуваат бизнисот имаат суштинско влијание врз донесувањето на одлуките, додека мислењето на групите формирани од обични граѓани, дури и кога се тие масовни, имаат незначително или никакво влијание врз конечниот исход".

Со други зборови, хорот на јавноста бива задушен од силниот баритон на лобистите, заклучуваат истражувачи од Принстон и еден друг Универзитет во својата извонредно интересна но и депримирачка студија за суштината на демократските политички процеси.

Преточено во бројки, мислењето на бизнис елитите е 15 пати (1.500%) побитно од мислењето на обичните граѓани во поглед на крајниот исход на некоја политичка иницијатива.

"Уште пофрапантен е фактот дека дури и масовно прифатените иницијативи зад кои стојат и 80 проценти од јавното мислење имаат само 43 проценти шанси да успеат."

Во американски размери, тоа значи дека и 250 милиони гласачи да застанат зад некоја идеја, шансите таа да биде реализирана во Конгресот е помала од 50 посто.

Иницијаторите можат да мобилизираат огромен дел од јавноста, огромен број луѓе да излезат на улица и да демонстрираат вистинска демократија во акција и сепак сето тоа да биде поништено со само една тајна вечера со лобист на некој силна бизнис групација, заклучуваат аналитичарите.

Еден од последните вакви примери беше предложениот закон за контрола на оружјето зад кој според истражувањата на јавното мислење стоеше дури 91 процент од јавноста. Недоволно за крајниот исход бидејќи предлогот беше одбиен во Конгресот.

Авторите на цитираната студија предлагаат ваквиот систем да се нарече доминација на економските елити. Во суштина, се работи за аристократија.

14 април 2014 - 22:14