Субрата Рој од затвор објави книга за животот и успехот

Зборувајте ни за иронија. Човекот кој се наоѓа зад решетки заради измама на милиони луѓе, објави книга со мантри за тоа што е животот и како се постигнува успех. Одгатнувајќи ја тајната на бивствувањето, Субрата порачува дека човек не треба да биде лаком.

Во еден од најголемите индиски весници на англиски јазик деновиве осамна реклама за првата книга од планираната трилогија на Субрата Рој, затворениот основач и главен човек на милијарди долари вредната компанија Сахара груп.

"Како и многумина други луѓе кои се лишени од слобода, и мене напати ме обзема емотивен гнев "зошто јас?", "што лошо направив за да го заслужам ова?", пишува во своите "Животни мантри" мудриот Сахарасри, како што сака самиот да се нарекува контроверзниот инвеститор.

Од март 2014-та  Субрата Рој има прилика да си ги средува мислите во затворот Тахир каде што се наоѓа заради сомнение дека измамил милиони мали инвеститори собирајќи им 3,5 милијарди долари.

Тој своевремено рече дека не сторил ништо лошо ама вети дека ќе им ги врати парите на луѓето. Судот не беше трогнат па го смести на локацијата која ќе биде и наслов на неговата трилогија ("Мисли од Тахир").

Забележувајќи дека лакомоста го држи човека во состојба на тензии, неисполнетост и незадоволство, Сахарасри напиша дека лаком човек никогаш не може да ја почувствува убавината на животот.

"Во мене имам само жал за луѓето со лакоми карактери," вели Субрата Рој.

Ваквите негови мантри не се воопшто покајнички со оглед на тоа што дента кога излезе книгата, Ројтерс пренесе дека Сахара и натаму собира заштеди од ситни инвеститори и ги насочува кон омилениот проект на Рој, долината Амби. Се работи за супер луксузна населба распослана на 46 квадратни километри, оддалечена 120 километри од Мумбаи во која досега се вбризгани преку 220 милиони долари.

"Кога ќе ја прочитате оваа книга, ќе сфатите дека постигнувањето на внатрешниот мир, вистинската среќа и задоволството, како и одржувањето постојан прогрес во смисла на материјални добра, почит и љубов.... сето тоа во крајна линија зависи од самитe вас", вели најавата на трилогијата "Мисли од Тахир".

7 февруари 2016 - 16:45