Што ќе му е на тенисер да мести?

Математиката е дека годишно околу 20 натпревари од првата рунда на големите тениски турнири се наместени, и тоа најчесто затоа што е премногу лесно да ги наместиш.

2007-ма 11 обложувачи, од кои 9 од Русија, ставаат милиони долари дека Мартин Васало Аргуељо ќе го победи Николај Давиденко на Проком Опен во Сопот, Полска. Аргуељо е 87-ми, Давиденко е 4-ти во свет. Во 3-от сет Давиденко се откажува од натпреварот заради фрактура во левото стапало.

Кладбата е ставена во Бетфер, кој заради претходен договор инстантно ја известува АТП, заради сомнителни кладби. АТП започнува истрага околу случајот која трае повеќе од една година, најдолгата истрага што асоцијацијата ја има спроведено околу наместен меч. На крај АТП ги ослободи и Давиденко и Аргуељо од каков било сомнеж околу местење, заради недостаток на докази. Проблемот е што конечната одлука не разубеди ниту еден тениски фан или експерт за кладилница дека натпреварот не е наместен.

Во кладилница тенисот е трет по бројот на кладби. Годишно АТП и ВТА организираат 126 турнири, кои заради обемот и бројноста на натпреварите е невозможно да се следат и контролираат, освен најочигледните примери.

Дополнителен проблем е и "кладењето во живо" каде кладилниците дозволуваат да се стават пари на конкретен поен, гем или сет, што го прави местењето ултра тешко за откривање и далеку полесно за спроведување.

Клучно во ова е тенисерот да сака да намести натпревар или поен, за што има многу мотивација во самиот спорт.

"Проблемот е во платата на играчите. Ако играч сфати дека тој или таа е добар тенисер, ама никогаш нема да може да биде некој од големите, тогаш патувањето околу светот и местењето за коцкарите може да обезбеди подобар живот отколку да се обиде да влезе меѓу топ 10," објаснува новинарот и автор на книги за кладење на спорт, Брајан Туохи.

Точно е дека има пари во тенисот. Ѓоковиќ и Серена до сега годинава имаат собрано по околу 6 милиони долари од турнири, меѓутоа надвор од топ 10 играчите речиси никој и да не стига до 7 цифрените бројки. Наспроти ова, само трошоци за патување можат да го чинат играчот над 100.000 долари годишно, а почетната плата за тренер е околу 50.000 долари.

Што се однесува до Вимбалдон, фондот на награди е 41 милион долари, од кои по 3 милиони ќе одат за шампионите во машка и женска категорија. Играчите кои ќе загубат во првата рунда се пакуваат со 45.000 долари.

6 јули 2015 - 11:30