Се изнајмува: Систинска капела

Папата Францис постигна консензус сам со себе околу комерцијализацијата на еден од најценетите објекти во Ватикан - корпорации во иднина ќе може да организираат настани во Систинската капела, ама сите пари да одат во добротворни организации што работат со бездомници и сиромашни.

Први што ќе влезат во капелата се Порше, кои под фреските на Микеланџело ќе организираат концерт за 40 избрани ВИП туристи кои се на ексклузивната турнеја низ Италија. Ватикан не открива колку пари ќе бидат платени за изнајмување, ама се знае дека 5-дневната тура низ Рим, Порше ја наплаќа 5.000 евра по човек.

На учесниците им е ветен "величествен концерт во Систинската капела," на кој ќе настапува хорот од Академијата на Света Цецилија. По ова ќе следува гала вечера сред музеите на Ватикан, "опкружени од ремек-делата на светски познатите уметници како Микеланџело и Рафаел."

Во Систинската капела и претходно се одржувале концерти ама тоа обично било за приватни црковни настани и аудиенции. Се претпоставува дека ова е прв пат во историјата капелата да биде изнајмена за комерцијални настани.

Паралелно со ова, Ватикан најави и ограничување на бројот на дневни посетители на капелата, заради стравот од потенцијално оштетување на фреските од дишењето и потта на преголемиот број туристи.

18 октомври 2014 - 12:42