Самсунг треба на бајачка да одат

Како да не беше доволен резилот и непроценливите штети што си ги направија со телефонот Галакси Ноут 7, кој се пали или експлодира поради грешки во батеријата. Сега им изгоре и фабриката во која се правеа тие батерии. Како тоа од што им изгоре?

Пожар ја зафатил кинеската фабрика што произведува батерии за смарфоните Galaxy Note 7. Од фабриката побрзаа да соопштат дека се работело за мал и безначаен пожар иако во тој случај станува нејасно зошто на лице место биле испратени над 100 пожарникари и 19 противпожарни возила, а на терен излегле и експерти за мониторирање на загадувањето. Во несреќата нема повредени, а материјалната штета не е соопштена.

Самсунг СДИ е еден од двата добавувачи на батерии за несреќната седумка, за која Самсунг пред еден месец соопшти дека проблемот лежел токму во грешки во дизајнот и изработката на нејзините батерии што се прегреваат. 

Продажбата на моделот беше стопирана во септември и беше најавено глобално повлекување на уредите. СДИ неодамна соопштија дека инвестирале една милијарда хонгконшки долари за безбедност на производот и дека нивните батерии ќе се користат и за следниот модел на Самсунг Електроникс.

8 февруари 2017 - 16:35