Рускиот хак што ги празни казината низ светот

Во јуни 2014 сметководителот на едно американско казино открива дека неколку негови слот-машини на неколку дена излуделе и дале повеќе пари отколку што предвидува софтверот. Ова е проблем затоа што машините никогаш не излудуваат. Алармирано е обезбедувањето и прегледани се снимките од „дарежливите денови“, на кои единственото сомнително нешто е еден дечко што додека игра, цело време го држи смартфонот залепен за екранот на слот-машината.

Зијанот на Лумиер палас казино од Сент Луис и не е нешто за ужасување, дечкото во рок од два дена заработува околу 21.000 долари, страшното е што машината секој пат му дава повеќе отколку што тоа го предвидуваат сите правила по кои таа треба да работи и функционира.

На снимката се гледа како дечкото игра на некоја од слот-машините произведени од Аристократ додека го држи својот ајфон залепен за екранот. По неколку минути тој станува од машината, и по некое време се враќа за пак да се проба. Секојпат има среќа од втора, па на влогови од 20 до 60 долари вади добивка од околу 1.300 долари. Кога ќе ја исполни оваа квота, играчот се преместува на друга машина, каде што одново го почнува циклусот. Уште една работа што чуди во неговото однесување е тоа што прстот долго време му лебди над копчето за стоп, пред да го удри. Според целата дотогашна пракса, типичните играчи не прават толкави паузи.

Случајот Лумиер палас казино, сосе заклучоците од истрагата, го пријавуваат кај комисија за коцкање на Мисури. Комисијата ги алармира другите казина во сојузната држава и за кратко време уште неколку казина откриваат дека биле измамени на ист начин.

Дополнителната истрага открива две работи: дечкото на снимките е 37-годишниот Мурат Блиев од Русија и, второ, во сите идентификувани случаи измамата е направена на слот-машина Аристократ Марк 6.

Пред да се продолжи со приказната, клучно е навраќањето на една одлука на руската влада од 2009-та, со која речиси комплетно се забранува секакво коцкање во земјата. Како резултат на ова, илјадници казина решаваат да ги продадат своите слот-машини по багателни цени, само колку да се ослободат од нив. Тука во приказната се појавуваат шефовите на Блиев, организација од Санкт Петербург што уште тогаш решава да купи дузини слот-машини на попуст, за детално да го истражи нивниот софтвер и сите негови можни пропусти.

Уште во 2011-та казината низ Источна и Централна Европа почнуваат да пријавуваат инциденти во кои слот-машините од австриската компанија Новоматик даваат невозможно чести исплати. Инженерите од Новоматик во ниту еден случај не успеваат да најдат никаков проблем со нивните машини и нивната теорија е дека некој едноставно успеал да го предвиди однесувањето на слотовите.

Однесувањето, односно шаблонот по кој работат слот-машините е контролиран од програми наречени псевдорандом-генератори на бројки, направени да даваат неверојатно случајни резултати. Без разлика на непоимливоста на оваа случајност, псевдорандом-генераторите сепак имаат ограничен распон на бројки и на резултати што можат да ги дадат, за разлика од вистински рандом-бројките, кои е невозможно да бидат создадени од човек. Користејќи ја ваквата ограниченост и тоа што ги имаат на располагање расходуваните слот-машини, хакерите успеваат да ја најдат логиката и да предвидат кои рандом-бројки ќе ги извадат генераторите.

Бидејќи се работи за слот-машини, хакерите знаат овие бројки да ги протолкуваат во точната комбинација на слики и симболи што во одреден момент ќе се појави на екранот. Проблемот за хакерите е што производителот има вградено дополнителна заштита во секоја слот-машина, која се сведува на тоа дека секој апарат има различна стартна позиција за псевдорандом-генераторот. Токму ова е причината за седни-стани моментот на Блиев, кој на првото играње седи и снима околу 25 вртења на слот-машината додека работи, а кога ќе стане, снимката ја испраќа до централата, каде што таа се анализира. (Според експерти, системот најверојатно е апдејтуван, па играчите сега во живо го стримуваат видеото преку Скајп, без да треба да стануваат за да го аплоудираат.)

Кога ќе го идентификува шаблонот на генераторот на броеви, централата го враќа играчот назад на слот-машината. Во меѓувреме на посебна апликација на неговиот смартфон испраќа маркери што прават телефонот да вибрира на 0,25 секунди пред играчот да треба да го притисне копчето на слот-машината. Тајмингот се базира на времето што во просек му е потребно на човек да реагира. Иако не се успешни сите вртења, севкупно системот е далеку поисплатлив од регуларното играње. Се проценува дека играчите заработувале по околу 10.000 долари на ден, сума што е ограничена чисто поради нивните напори никому да не му бидат сомнителни. Со ова темпо, тим од 4 луѓе што ќе „работат“ неколку казина може да собере околу 250.000 долари неделно.

Според сведоштва на неколку уапсени оперативци, 90% од парите се враќаат во централата во Санкт Петербург, а последните апсења покажуваат дека организацијата почнала да испраќа играчи во казина низ целиот свет, од Перу до Сингапур.

„Економската реалност на индустријата за коцкање речиси гарантира дека организацијата во Санкт Петербург ќе продолжи да цвета. Машините не можат лесно технички да се поправат. Како што забележуваат експертите, сите производители чии генератори на бројки се пробиени 'ќе мора да ги повлечат од користење сите машини и да стават нешто друго за замена, а тоа нема да се случи'.

Во исто време, повеќето казина не можат да си дозволат да инвестираат во најновите слот-машини, чии генератори користат енкрипција за да ги заштитат математичките тајни. Сè додека постарите, компромитирани машини сè уште се популарни кај муштериите, финансиски паметна одлука за казината е да продолжат да ги користат и да ја прифатат повремената загуба од измамниците“, пишува Брендан Кернер во Вајард.

8 февруари 2017 - 16:59