Распродажбата од гробиштата на луксузни автомобили

По декемвриските поплави во Ченај, осигурителните компании во Индија остануваат со над 50.000 автомобили заглавени во калта, за кои должат осигурување, или околу 740 милиони долари во кал.

Од овие 50 илјади, околу 40% се толку уништени што на осигурувањата не им се исплати ни да ги однесат на поправка, туку на големо ги испорачуваат на плацови за користени автомобили, кои потоа ги продаваат на аукции.

Овие аукции почнаа да собираат прилично голема публика откако се раширија муабетите за Порше Кајен од 2012-та, продаден за нешто над 7.000 долари, или Мерцедес Ес класа од 2014-та кој бил продаден за околу 60 илјади долари (што е помалку од половина од неговата пазарна цена), ама и седан кој бил продаден за околу 350 долари.

БиБиСи разговара со сопственик на еден од плацовите кои држат аукции за упропастените автомобили. Тој има добиено автомобили од околу 18 осигурителни компании, и во изминатите 40 дена има продадено околу 700, а намерата му е да стигне до 1.500 продадени автомобили.

Според него, логиката на купувачите е дека водата од поплавата ја има уништено само електрониката на автомобилот и ништо друго. Овој трошок тие го проценуваат меѓу 1.000 и 3.000 долари, и најчесто се уверени дека имаат механичар кој може да им го оживее автомобилот.

Оние со малку подобро познавање, на пример уредникот на магазинот Аутокар Индија, Хормаз Сорабџи, сметаат дека купувачите се во голема заблуда и дека нема да е доволно само интервенција во електрониката.

"Штетата од водата може да го намали животниот век на механичките компоненти на автомобилот, како амортизација, лагери и полуоска, а да не зборуваме за нередот што го прави на електрониката," објаснува Сорабџи.

Трет човек со кој разговара БиБиСи е 29-годишниот Прем Кумар, еден од најголемите купувачи на аукциите. Човекот зад себе има 15 механичари и 50 електричари, кои инстантно се грижат за дузините автомобили што тој ги носи. Кумар генерално живее од купување и препродавање запленети автомобили, ама добро минува и со аукциите по поплавите. До сега има купено 50 автомобили од кои 20 веќе ги продал. Неговиот став е "од 16 години го работам ова, знам што правам."

8 февруари 2016 - 15:34