Рамзан Кадиров, реален претседател

Чеченскиот претседател најави дека ќе избере помошник преку телевизиско реално шоу. Ќе имало свадба, 24 часовни задачи, ќе се снима по планини, само за да се одбере "најдобриот помошник за најдобриот претседател". 

Уште кога се напали на Инстаграм (мора да ги видите фотките), требаше да биде јасно во кој правец ќе се развива Рамзан Кадиров, некогашен лидер на бунтовниците а од 2007 претседател на Чеченија со благослов на Владимир Путин.

Ќе прави риалити шоу слично на 'Aprentice' на Доналд Трамп преку коe ќе го одбере својот помошник кој ќе се оценува не само по тоа какви идеи има за подобрување на републиката (?) туку и по неговата способност "прецизно и навремено да извршува задачи и да биде спремен за работа 24 часа на ден." Шоуто ќе го пренесува државната телевизија а во тек е конкурсот за кандидати за десна рака на Кадиров.

Свадба ќе има за да се провери кој од натпреварувачите ги знае традиционалните свадбени адети, а дневните задачи ќе се исполнуваат на разни познати и непознати локации во Чеченија при што емисијата ќе го истакнувало и прочуеното гостопримство на чеченскиот народ.

Во меѓувреме уште го чекаме филмското првенче на Кадиров, долгометражниот филм "Кој не разбира. ќе си го добие" кој се снимаше лани и од кој протекоа неколку неодоливи сцени во кои тој го решава непријателот со овчарски стап:

Инаку, офицер од безбедносните служби на Кадиров е осомничен за убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов.

Кој не разбира, ќе си го добие.

1 јули 2016 - 20:20