Проблемот со чекањето во ред не е чекањето во ред

Едно од првите (анегдотални) решенија за проблемот со поплаките околу чекање во ред (во случајов пред лифт), доаѓа од 50-те од зграда од Менхетен, каде по сите инженерски обиди нешто да се направи, решението се сведува на поставување одгледала (по висина на цел ѕид) веднаш до лифтовите за луѓето да можат да се гледаат додека чекаат. По ова, поплаките речиси комплетно прекинуваат.

Според професорот на МИТ, Ричард Ларсон, кој изучува теорија на чекање во ред, луѓето минуваат меѓу една и две години од својот живот во редица.

Во основа редовите за чекање доаѓаат во два различни формати: паралелни редови и една крива (змија) линија. Според Ларсон, ако двата системи работат ефикасно, тогаш чекањето е исто и во двата.

И покрај тоа што и двете имаат недостатоци и предности, Ларсон повеќе навива за кривата линија. Проблемот кај паралелните ленти е што тие оставаат простор за неефикасност, кога човекот што е на ред не забележува дека има отворен шалтер / каса, или пак ако се долги редовите, а ти си со само неколку артикли во кошничка "ќе имаш искуство за паметење."

Според Ларсон кривите линии имаат повеќе предности, меѓу кои и тоа што се социјално покоректни, бидејќи оној што прв дошол, ќе биде и прв послужен, "студиите покажаа дека луѓето кои чекаат во ред често пати повеќе го вреднуваат фер односот отколку ефикасноста." Кај овие линии го нема стресот да ја одбереш најкратката линија, притоа да премеруваш кој колку има во количката и колку ќе се задржи, а потоа и дали во неа може да се случи некој неочекуван застој, туку чекаш да ти дојде редот, кој си го заслужил во моментот на застанување во него.

Меѓу нервозите што ги создаваат паралелните линии е постојаното премерување со линијата до тебе, и посебно кога ќе видиш дека некој што подоцна застанал во соседниот ред, напредува побрзо од тебе.

Ана Свонсон во текстот за Вашингтон Пост, ги пренесува истражувањата на психологот Даниел Канеман, кој тврди дека луѓето кои чекаат во ред искусуваат двојна реакција - тие постепено стануваат деморализирани, ама имаат позитивна реакција на секое придвижување на редот.

Она што е важно е дека вкупното чувство околу ова искуство зависи од тоа како овие две реакции се балансирани, меѓутоа оценката е под силно влијание како ќе заврши искуството.

Канеман во еден експеримент бара од учесниците 60 секунди да ја држат едната рака во студена вода (14 степени Целзиусови). Потоа и другата ја ставаат во потполно ист сад, меѓутоа тука по истекот на 60-те секунди треба да ја остават раката уште 30 секунди во водата, која постепено се затоплува. Температурата и понатаму е доволно студена за да предизвикува болка, ама помалку во однос на претходно.

Кога од испитаниците било побарано да кажат кој експеримент ќе сакаат да го повторат, мнозинството го избрале вториот.

"Иако траел подолго и очигледно предизвикал повеќе болка од првиот, луѓето го избираат вториот експеримент бидејќи имал релативно подобар крај. Студијата заклучува дека траењето на искуството не е толку важно за луѓето, она што е важно е колку им било неудобно во најлошиот и во последниот момент.

Како што ова и други истражувања покажуваат, нашето искуство од чекањето во ред се сведува на перцепцијата, и лесно може да биде манипулирано," пишува Свонсон.

28 ноември 2015 - 16:25