Прави сине клик-фарма, за да не се мачиш како мене

Во Тајланд се уапсени тројца мажи, Кинези, за отворање и работење на клик-фарма со над 340.000 СИМ картички и 450 Ајфони.

Иако може да биде употребена за зголемување на фанови на ФБ страни, следбеници на Твитер, прегледи на Јутјуб и речиси се што ќе ви текне на интернет, конкретната клик-фарма била употребена за промовирање производи на ВиЧат, кинеската социјална мрежа.

Бангкок пост објавува дека полицијата извршила рација на куќа во близина на границата со Камбоџа. Во неа на метални полици биле најдени 475 Ајфони (5С, 5Ц и 4С) поврзани со компјутерски монитори. Освен ова откриени се 347.000 неупотребени СИМ картички од различни тајландски мобилни оператори, 10 компјутери и разна ситна електроника.

Пост ја пренесува изјавата на тројцата според кои кинеска компанија што одбиваат да ја именуваат им ги има испорачано телефоните и им плаќа по 4.400 долари месечно за да тие да ги промовираат нивните производи на Вичат. Целата операција била поставена во Тајланд заради релативно ниските цени на мобилните оператори.

Тројцата мажи се обвинети по повеќе основи, за работа без дозвола, за користење нерегистрирани СИМ картички, а подоцна и за шверц. Само по првата основа тие можат да добијат 5-годишна затворска казна.

Она што полицијата сега го истражува е како некој им прошверцувал речиси 500 телефони преку граница и успеал да собере толкава арсенал на СИМ картички, кои по закон на активација мора да бидат регистрирани на име на корисникот.

(Пред некое време на темава се појави ова видео, веројатно не се истите)

 

14 јуни 2017 - 12:02