Подемот на Тереза Меј и падот на британската политика

Приказната за тоа како Тереза Меј, министерката за внатрешни работи на Британија, стана најверојатниот кандидат за Премиерка е приказна за траги-фарсично, политичко-комично самоуништување, пишува Њујоркер.

Дејствието се одвива со сè поголема брзина од утрото кога нацијата изгласа да ја напушти ЕУ, а конзервативниот Премиер, Дејвид Камерон, кој беше против брегзит, изјави дека ќе поднесе оставка, наместо да раководи со излегувањето. Тогаш, Камерон најави дека ќе се задржи некаде до ноември, кога беше очекувано да биде наследен од Борис Џонсон, поранешниот градоначалник на Лондон, и човекот што го предводеше кампот за напуштање на Унијата. Во понеделникот Камерон излезе пред Даунинг број 10 за да објави дека Британија "ќе има нов премиер во заградата зад мене до среда навечер," и дека тоа ќе биде Меј, која ја има неговата поддршка.

Како што објаснува Ејми Дејвидсон во Њујоркер, "таа веројатно и порано ќе беше на новото работно место, ама, затоа што ова е Британија, преземањето на власта се уште вклучува посета на палатата, а Кралицата не беше дома."

"Брегзит не го извади на површина најдоброто од британската политичка култура, и човек може да го каже тоа дури и како Американец во ерата на Доналд Трамп. Најголемите забелешки се однесуваат на невнимателното уништување на сојузи, лагите за и подбивот со гласачите (од двете страни, но повеќе од кампањата за напуштање) кои ја овозможија победата за брегзит, и сфаќањето на не-британските доселеници од ЕУ дека голем број од нивните соседи ги презираат како странци," пишува Дејвидсон.

Џонсон и Гов

Она што таа забележува е дека целиот успех на брегзит се случува паралелно со "зачудувачко отсуство на дигнитет," како примерот со борбата меѓу Мајкл Гов и Борис Џонсон, кои се свртија еден против друг и еден по еден вртоглаво излегоа од трката за премиер. Последниот потег кој ја запечати кандидатурата на Меј, беше изјавата на нејзината противкандидатка, министерката за енергетика Андреа Ледсом, која во интервју за Тајмс оф Лондон изјавува дека таа "ќе биде подобар лидер затоа што министерката за внатрешни работи која нема деца нема никаков 'залог за иднината.'"

"Меј веројатно има внуки, внуци, и други луѓе. Меѓутоа јас имам деца кои ќе имаат свои деца кои директно ќе бидат дел од она што ќе се случува во иднината," изјавила Ледсом.

Интервјуто инстантно прерасна во афера сама за себе, и го добива насловот Мамгејт, во кој се преиспитуваат ставовите на Ледсом, од тоа дека има добри и лоши лидери, а не со и без деца, до тоа дека како иден лидер таа ги навредила "они без деца, и звучела прилично сурова кон Меј" која во минатото има изјавено дека и жал што никогаш немала деца. (59-годишната Меј е омажена со банкар кого го запознава додека се студенти на Оксфорд, и во брак се 35 години.)

На ова имаше реакции и од сопартијците на Ледсом, како пратеникот од Конзервативците сер Алан Данкан, кој забелешките ги нарекува "срамни", порачувајќи дека и тој самиот е геј и е во граѓанско партнерство, без деца, но има десет внуци и внуки, "Не ли имам и јас залог во иднината на државата?"

Андреа Ледсом

Ледсом веднаш реагираше на критиките, напаѓајќи го Тајмс дека приказната што ја извадиле е ужасна и спротивно на тоа што таа го изјавила. Таа побара Тајмс под итно да ги објават транскриптите од разговорот. Весникот ги објави транскриптите заедно со аудиото, и двете не само што го потврдија тоа што беше напишано во интервјуто, туку направија и Ледсторм да изгледа полошо.

"А сепак, по серија гласања на пратениците на конзервативците, Ледсом беше последниот противкандидат на Меј за лидер на партијата. Како успеа, она што се уште е една од главните сили во светот, да заврши во ваква ситуација? Дел од вината отпаѓа на толерантноста кон Џонсон и неговиот срамен стил на политика, кој изгледаше како постојано да сака да добие заушка и од кој на крај, и многу доцна, на сите им се смачи.

Џонсон ја изгуби поддршката од Гов, кога наместо да седне по успешниот референдум и да испланира што следно ќе прави, тој организираше она што таблоидите го нарекоа 'весела скара' која траеше цел викенд и вклучуваше крикет. Џонсон и голем број други ториевци, ја посветија својата енергија на расправање во колумни за Дејли Телеграф наместо на нешто како вистински нацрт-план за напуштањето. Џонсон успеа да ја оддалечи и Ледсторм со тоа што прво и вети место во неговата влада и дека тоа ќе и го даде и на писмено, за потоа во негов стил да тврди дека листот хартија по грешка го заборавил кај себе на биро. Таа не беше воодушевена. Зошто воопшто некој беше? Во исто време личните прашања го оттргнуваат вниманието од поголемиот проблем што го открија резултатите од брегзит: оддалеченоста меѓу партиските лидери и гласачите," пишува Дејвидсон.

13 јули 2016 - 11:04