Онлајн феминизмот како ексклузивен Клуб на злобни девојки

Женската онлајн банда наоѓа причина за навреда насекаде, но особено кога станува збор за други жени, кои не се од нивниот клуб на злобни девојки, а кој има сопствен прекумерно стилизиран и недофатлив јазик, свои правила и дисциплински мерки.

Морам да почнам со правење разлика помеѓу феминизмот - добриот чесен феминизам во сите негови манифестации од Лис Иригаре, Гринам Комон, Андреа Дворкин и дури (само Господ знае, дека не ми е по ќеф) Камил Паглиа - и она што почнав да го нарекувам Женска онлајн банда. Пoследново треба да звучи навредливо. На граница со мизогинија ако сакате, и за тоа има добра причина: оваа банда изгледа дека не го сака феминизмот. Нема ни многу докази дека тие ги сакаат жените. Вeројатно ова е причината и заради која тие исто така не сакаат вие да бидете феминистки.

Ако сакате да му се придружите на клубот за кој тие веруваат дека го контролираат, ќе ви биде кажано дека нема слободни места. Нема слободни места за вас, со вашите „привилегии". Тие ќе ви се потсмеваат, и ќе велат дека вие сте тука само заради помодниот "lipgloss" феминизам и дека, со вашиот инфериорен интелект и искуство, вие никогаш не можете да бидете дораснати на нивниот софистициран светоглед. „Оди и плачи си кај мајка ти Кејтлин (Моран)" е навреда која сум видела како се упатува често на млади љубопитни жени, чиј наивен но сепак автентичен интерес бил исмеан од страна на Комитетот.

„Заќути и одбиј, глупачо" е пораката која се упатува гласно и јасно.

И мене исто така не ми беше дозволено да се придружам, што мислам дека е многу нефер бидејќи и јас можам да бидам исто толку претенциозна, да си придавам исто толку значење, истовремено не додавајќи му на тоа ништо што на кој било начин би било релевантно за она што се случува во реалниот свет. Би сакала на овој Суд да го приложам доказот: насловот на мојата универзитетска дисертација беше „Колку филозофската дихотомија повлијаела врз промената на ставовите кон жените?"

Соберете ги интелектуалните трошки од ова, госпоѓи.

Женската онлајн банда наоѓа причина за навреда насекаде, но особено кога станува збор за други жени, кои не се од нивниот клуб на злобни девојки, а кој има сопствен прекумерно стилизиран и недофатлив јазик, свои правила и дисциплински мерки.(...)

Особено пали ова со „привилегиите", што рутински се користи за замолчување на оние кои не се согласуваат со Онлајн бандата. Целата втемеленост на аргументот секако е погрешен; околу 35 проценти од светското население има пристап до интернет. Секој кој е на Твитер е привилегиран. Секој. Да полагаш право на „непривилегиран", подјармен статус кога си во топ 35-те проценти на целиот свет, прави да звучиш како разгалена принцеза која вришти, дека тоа не е фер, и која те мрази затоа што добила само ајфон и пони за Божик.

Сите жени страдаат од дискриминација, без оглед дали имаат интернет конекција или не, во некоја форма. За некои тоа е блага дискриминација. За други таа има облик на сексистички коментари или малтретирање или женско обрежување, силување, мала плата, никаква пензија, семејно насилство, трансфобија, тајни абортуси, ропство, смрт при пораѓање или како резултат на пораѓањето, или комбинација на сето кажано. Да не зборуваме за менталните здравствени проблеми како нарушување на исхраната, биполарност, вознемиреност или депресија. Времињава не се добри.

Повикувањето на тоа колку некој е „привилегиран" е како да играш игра во која вистинската порака не е кој си, туку со какво потекло си, и дека тоа одредува дали она што го кажуваш вреди да биде слушнато. Не е многу далеку од просечниот барски сексизам - но е многу подепримирачки ако доаѓа од твојата сопствена страна.

За мене, додека не ја идентификуваме таа греотичка која е официјално признаена како најмалку привилегираната жена на планетата, жените треба да ги поздравуваат мислите и искуствата на другите жени, не со цел да ги идентификуваат „најдобрите" и „најрелевантните", туку како средство за разбирање, дека и покрај нашата различност, ние имаме многу повеќе заеднички нешта отколку нешта кои нè разделуваат.

Исто така имам приговор кон барањето да не ја земеме предвид моќта на јазикот. Во „Сексуалната, текстуална политика" од Торил Мои, таа рече дека нам, на жените, ни е одземена моќта на именување. Јазикот не е само комуникација, тој е призма низ која го филтрираме и го разбираме светот околу нас. Зборовите имаат тежина и значења кои ги надминуваат едноставните мрморења преку кои комуницираме...Зборовите кои ги користиме за да опишеме сексуална самоопределба кај жените имплицираат сексуална незаситност (курва, ороспија); зборовите кои го опишуваат истото однесување кај мажите имплицираат плодност и мажевност (прч, женкар).

Зборовите не се само зборови, туку се дел од поширокиот наратив на јазикот. Јазикот е систем на верувања, тој нè спојува и го држи космосот на едно место, нè моделира во смисла на тоа како се гледаме себеси и другите. А тој пак бил моделиран од мажи и за нивна корист.(...)

Ако сте член на Бандата, вие ги минувате ноќите во благородни потфати. Имено, реагирате на критички коментари на интернет (кои често, иако не секогаш, се всушност добронамерни, но резултат на незнаење), и ги охрабрувате вашите колешки да се солидаризираат со вас за да ја „згазите" жената која ги напишала.

Дали ова некому му звучи како патријархат?

Нема ништо лошо во расправање со други жени, несогласување со нив, или сугерирање дека тие можеби немаат право за некоја работа. Сум да се застане против сексизмот и трансфобијата, иако често сметам дека голем дел од изјавите на кои се реагира како да се големи злосторства од страна на Бандата всушност се должат на немање искуство и разбирање од страна на сторителот. Но тоа не е она што го гледаме онлајн.

И за најмал коментар жените се пердашат на најзлобен, несестрински начин. и се вели дека таа и таа е жива навреда на сестринството и на идеалите на феминизмот, дека е најлош вид на грозна привилегирана кучка, вид жена која ги револтира сите исправно мислечки жени, која заслужува да „иде у к*ац и да умре". Таа ќе се повлече со сета нејзина вина и возмениреност, а притоа нема да ѝ биде сосема јасно што направила, но ќе ѝ биде јасно дека треба да се чувствува валкано и да се срами од себеси.

Е ова дефинитивно звучи како патријархат.

Се сметам себеси за феминистка од многу одамна, дури и пред да знам што е точно феминизмот, и оваа состојба на работите ме згрозува. Феминизмот не значи малтретирање и „газење" други жени. Не значи отфрлање на разноликоста наместо нејзино прославување. Феминизмот не е стигматизирање жени наместо нивно сослушување. Тој не се состои во тоа ним да им кажеш дека нивните мислења и искуства не важат. Не е да го користиш седењето зад твојот компјутер во 2 наутро, барајќи некаква навреда (а на интернет фала богу секогаш ќе ги најдеш), под оправдување дека „дискутираш" со некого во врска со нешто за кое не се согласувате, а всушност истото да го правиш за на крај да излезеш супериорна на сметка на друга жена.

Кога ќе размислиш, кој и да мисли дека што и да е може да биде постигнато на Твитер во два наутро не би смеел да се чувствува супериорен кон било кого.

Таму надвор има голем, широк свет, и голем дел од времето тој е проклето грозен кон луѓето воопшто и кон жените поединечно. Тоа стана јасно по автобускиот хорор во Индија, дека има некои делови од тоа општество кои сметаат дека нема ништо погрешно во малку забавно силување, ако се расположени за тоа. Малала беше застрелана во главата од Талибанците само заради тоа што сакаше да се школува како нејзините машки врсници. Транссексуалките често живеат во страв за нивните животи, и со добра причина: трансмизогинијата, е, за жал, се уште сметана како вид на сексизам во кој е општествено прифатливо да се учествува. И во Стубенвил, заедницата дава впечаток дека мисли дека вистинските жртви се силувачите, а дека нивната жртва во кома е „курва" како резултат на она што ѝ е направено.

А како одговара Женската онлајн банда на овој врв на ледениот брег? Со покренување огромни твитер бури и канење на феминистките да запалат други феминистки. Да, само продолжете женски, на патријархатот му се тресат колениците.

Доколу модерниот феминизам е исклучиво поврзан со ексклузивитет, барање под лупа на сè што нè разликува едни од други, и организирање женски банди за малтретирање други жени, тогаш сметајте дека не учествувам.

Авторка: Сади Смит

11 мај 2013 - 19:28