Њујоршки комшилуци

Upper East Side е болно скап дел на Менхетн со многу чуден комшилук. Едни до други, рамноправно се потпираат куќи на најбогатите и на најсиромашните луѓе на светот. Вториве, главно абер немаат за тоа.

Upper East Side е омеѓен со Централ парк и Ист Ривер, 59-та и 96-та улица. Маало во кое домуваат ликови како Мадона, Мајкл Блумберг или Дејвид Коч, четвртиот најбогат човек на светот.

Истовремено, тоа е кварт во кој свои претставници имаат некои од најсиромашните држави на светот. На пример, токму таму решиле да се истопорат велможите од Конго, рангирана како 186-та од вкупно 187 земји според глобалниот индекс за развој. Имаат огромна куќа на 65-та, меѓу Петтата авенија и Медисон. Дома во Конго, во просек дневно имаат еден долар за трошење. Карши нивната амбасада неодамна е продадена слична куќа за 40 милиони долари. Конго не продава можеби затоа што тие пари и не би значеле многу во намалување на државниот долг проценет на 6 милијарди долари.

Во околина се и држави кои кубурат со војни или диктатури како Ирак и Мијанмар, банкротирани држави кои не се откажуваат од живот на висока нога како Грција, таму куќа имаат дури и претставниците на Капo Верде (123 на Индексот а по територија 6 пати помали од Македонија), во чие соседство пред две години се продала куќа за 48 милиони долари.

Амбасадата на Ирак

Куќата на МИјанмар

Резиденцијата на Капо Верде

Таму се и претставници на Ангола, Филипини а некои земји, меѓу кои се Велика Британија и Франција, последниве години решиле сепак да ги продадат своите имоти во овој прескап дел на Њујорк.

26 ноември 2014 - 10:09