Нејмар на терен "везе" на аутоматик

Јапонски невролози објаснуваат дека Нејмар воопшто не размислува како игра фудбал, бидејќи пресметале дека кога тој влегува во игра неговата мозочна активност е на помалку од 10% од мозочната активност на аматерски фудбалер.

Резултатите се од скенирањето на мозокот на Нејмар во февруари годинава, на кои била регистрирана минимална церебрална активност секој пат кога фудбалерот бил во близина на топката, и дека сите потези му се "необјасниво природни."

Во студијата на Еичи Наито објавена во швајцарскиот журнал Frontiers in Human Neuroscience, јапонскиот истражувач заклучува "дека фудбалскиот мозок на Нејмар активира многу ограничени ресурси во регионите задолжени за движењето на стапалото."

Во истражувањето учествувале и тројца фудбалери од Втората лига во Шпанија и двајца врвни пливачи. Наито очекува дека исти резултати би добил и кога би ги студирал Меси или Роналдо.

"Намалената активност на мозокот значи и помал товар, што пак му дозволува на играчот да изведува голем број комплексни движења истовремено. Веруваме дека ова му ја дава способноста која лежи зад неговите потези," објаснува јапонскиот невролог.

26 јули 2014 - 15:07