За креативците и креативниот живот

Не вреди!

Минатиот месец во Нов Зеланд на 52 години почина Линс Рединг, уметнички директор кој работеше за ББДО и Сачи & Сачи. По неговата смрт, повторно големо влијание привлече еден негов текст од 2012-та, под наслов "A Short Lesson In Perspective".

Во текстот, инаку напишан откако му е дијагностициран рак, Рединг сумира дека животот како креативец не се исплати, "излезе дека мене ни приближно не ми се допаѓал мојот претходен живот колку што мислев".

Неговото главно прашање е "егзистенцијалниот проблем кој е во центарот на сечија кариера во адвертајзинг: Дали можеш да ги венчаш уметноста и комерцијалноста и да бидеш исполнет како човечко суштество?" Неговиот одговор е - не.

Извадок од текстот:

"Излезе дека мене ни приближно не ми се допаѓал мојот претходен живот колку што мислев. Ова сега ми е јасно бидејќи повремено се среќава со моите колеги и познаници од работа. Сите тие газат еден преку друг за ентузијастички да ми го покажат последниот проект на кој што работат. Да ме прашаат за мислење. Гордо покажувајќи го своето технолошко мајсторство (кое не е незначајно). Се фаќам себе си како ми се замаглува погледот додека учтиво ги слушам како се фалат кој најмалку спиел или кој изел најмногу храна за носење. 'Не сум ја видел жена ми од јануари, веќе не си ги чувствувам нозете и мислам дека имам скорбут ама уште 3 недели и готов сум. Мора да се заврши до тогаш, бидејќи клиентот оди на одмор. Што мислиш?'

Што мислам?

Мислам дека си ебано ненормален. Излуден. Толку исклучен од реалноста што ова веќе не е ни смешно. Ебана ТВ реклама е. На никој не му е гајле.

Можам да ви кажам дека ова ме шокираше. Дојдов до заклучок дека целата работа е лага. Измама. Добро разработена измама.

Безбројни ноќи и викенди, празници, родендени, училишни рецитали и вечери за годишнини самоволно беа жртвувани на алтарот на некоја нејасна ама бескрајно вредна повисока цел. Сето ова ќе се исплати на долг рок...

Ова беше измамата. Уверувањето на самиот себе дека никаде порадо не би бил, беше само механизам за справување. Сега можам да го видам ова. Не беше навистина важно. Ниту пак имаше некакви последици. Како па може да биде? Ние само продававме производ. Наш производ, и на клиентите. Само остварувавме таргети. Хранејќи го ѕверот, како што го нарекував во моите поцинични денови.

Па, вредеше ли?

Секако дека не. Излезе дека тоа е само рекламирање. Немаше никаква повисока цел."

A Short Lesson In Perspective

1 септември 2015 - 15:08