Најскапата запирка во историјата

Во 1872-ра, американските законодавци во актот за тарифи стават запирка на погрешно место, која на крај ги чини даночните обврзници над 2 милиони долари (или 38 милиони долари по денешен курс).

Законот за тарифи во 1789-та го воведува Џорџ Вашингтон како еден од основните начини за финансирање на САД, кој предвидува собирање давачки од сите производи и роба, како начин за поддршка на Владата. Речиси еден век овие пари се главен извор на приходи за американските власти (во одредени години тие полнат и до 95% од буџетот).

Иако данокот на приходи трајно се воведува во 1913-та, тој прв пат се појавува во 1862-ра како дел од поддршката на Северот во граѓанската војна. Тогаш данокот се наплаќа по скалило во зависност од тоа колку заработуваш. По оваа основа американската влада собира речиси 100 милиони долари годишно.

Во 1872-ра (Граѓанската војна завршена, и укинат данок на приходи) администрацијата на претседателот Грант го објавува 13-от акт за тарифи, кој треба да ги намали давачките на добар дел од произведените добра со цел да се засили економијата. Тука ја прават грешката со запирката.

Како и во претходните верзии и тука има список на производи кои се исклучени од плаќање царина при влез во САД. Во тоа време данокот за увоз е околу 20% од цената, заради што трговците секогаш едвај ги дочекуваат новите бесплатни листи за да видат што ќе можат поволно да увезат.

Во актот од 1872-ра требало да биде наведено дека сите "овошни растенија, тропски и полу-тропски чија цел е размножување и одгледување" се исклучени од плаќање данок ("Fruit plants, tropical and semi-tropical for the purpose of propagation or cultivation"). Меѓутоа сосема нејасно, сред дефиницијата, меѓу овошје и растенија се појавува запирка и печатената верзија звучи "Fruit, plants tropical and semi-tropical for the purpose of propagation or cultivation."

Запирката им го обезбедува потребното алиби на трговците:

"Предговорот на 'бесплатната листа' предвидува дека сите ставки наведени во неа треба да бидат ослободени од давачки по 1-ви август 1872-ра. Одредени увозници наведоа дека зборот 'овошје' во бесплатната листа на актот од 1872-ра дозволуваат бесплатен влез за сите тропски и полутропски овошја," објаснува еден текст на темата од 1930-та година.

Во прво време одговорните од финансии тврделе дека ова очигледно е граматичка грешка и не се важи, ама ваквото оправдување не минало кај трговците кои започнале судски постапки против американската администрација барајќи да им бидат вратени парите што ги платиле како давачки кон државата. Во 1874-та судовите одлучуваат во корист на трговците и ѝ наредуваат на администрацијата да врати 2 милиони долари. Во 1874-та 2 милиона долари биле 0,65% од целиот буџет на САД (кој изнесувал 308 милиони долари.)

11 октомври 2014 - 16:40