Најбескорисниот двоен агент од КГБ

Јевгени Брик (родум од Киев) во 1951-ва по 2-годишна обука е испратен во Канада, од каде треба да биде инфилтриран во САД. Додека е во Канада, Брик помислува дека ќе може да ги надмудри своите шефови во Москва. Како што ќе покаже историјата Брик не е човекот кој може да го направи тоа.

Изборот на Канада е затоа што земјата има речиси отворена граница со САД заради што шпионите можат далеку полесно со лажни документи да влезат во САД. Стандардната методологија е луѓето на КГБ во Канада да влезат со два идентитети, првиот им е за да минат канадска граница, кој инстантно се фрла по стапнувањето во Канада, а вториот служи како негов официјален идентитет за време на престојот.

Брик во Канада се сместува во предградие на Монтреал, каде е претставува како професионален фотограф.

"Како што излезе, Брик не беше добар избор. Тој има сериозен проблем со пиење, кој веројатно станува понагласен од неговиот таен живот, и се чувствува осамен без својата сопруга, која, според тогашните правила, останува во Русија. Кратко по пристигнувањето во Канада тој има афера со сопруга на канадски војник, на која (предвидливо) по некое време и ја признава својата вистинска улога. Истата оваа жена го убедува да се пријави во полиција. Полицијата него го предава на канадските тајни служби кои одлучиле него да го водат како двоен агент под шифра 'ГИДЕОН'.

Животот на Брик како двоен агент трае две години. Секој негов потег е под надзор од канадските тајни служби со цел да научат што е можно повеќе за операциите на КГБ во Канада. Ваквиот надзор доведува до откривање на неколку извори на КГБ, ама за ова плаќаат голема цена: Брик 'двојникот' е подеднакво голем проблем за неговите контролори од канадска страна, колку што е легалниот Брик за луѓето од советска страна.

По некое време Брик е повикан во Москва каде треба да присуства на веќе закажано дебрифирање и да мине време со сопругата. И покрај загриженоста дека Советите ќе го откријат дека е двоен шпион, Канаѓаните го охрабруваат сепак да се врати назад. При ова, Брик некако станува убеден дека може да ги надмудри луѓето од КГБ што ќе го дебрифираат. И покрај тоа што му го зборат, Канаѓаните не се сигурни дека ова ќе му успее на Брик, ама сепак го праќаат," пишува во книгата на Педи Хејс, Queen of Spies: Daphne Park.

Затоа што Канаѓаните не се подготвени да го менаџираат Брик додека е во Москва, тие се обраќаат на британската тајна служба, кои уште од почетокот знаат за Брик. Британците имаат капацитети да го менаџираат Брик и немаат проблеми да го преземат, посебно што тоа значи зачувување на изворот директно во КГБ во Москва. Во тоа време тие имаат апсолутно непознавање на внатрешните механизми на советските тајни служби.

Додека е во Канада, Брик добива најдетални упатства за неговата средба со Дафне Парк, акредитирана британска дипломатка во Москва, инаку припадничка на британската тајна служба.

Средбата од највисок ризик за Парк не минува ни најмалку според планираното. Таа на целата работа и пристапува со темелноста која е карактеристична низ цела нејзина кариера. Во подготовката за средбата Парк минува десетици денови тестирајќи ги процедурите на КГБ, испробувајќи најразлични начини за да се ослободи од луѓето што ја следат. Успева да фати еден шаблон, во кој секој пат кога таа ќе ја напушти амбасадата придружувана од машки колега, со кој по пат се разделуваат, луѓето што ја следат продолжуваат со следење исклучиво на колегата, оставајќи ја неа сама. Логиката на ваквата пракса е претпоставката на КГБ дека сигурно мажот е битниот оперативец, а жената е некој понизок чиновник. КГБ во тоа време жените ги користат претежно како сексуална мамка, кои не добиваат никакви други оперативни задачи.

Дента кога треба да се сретне со Брик таа ја повторува разработената шема со излегување од амбасадата заедно со машки колега. Сето ова и успева и таа без придружба стига на договореното место за состанок. Таму наидува на Брик, кој прави се што не треба да направи. Брик се појавува во придружба на жена (која изгледа заканувачки) иако е договорено да е сам, а по ова го утнува и договорениот сигнал.

Во ваква ситуација Парк одлучува да се повлече и да не продолжи со средбата во страв дека ќе биде откриена, испаничена дека тоа што Брик не би ги почитувал договорените протоколи е само знак дека бил откриен од КГБ.

Тука се разидува приказната на британските и советските тајни служби.

Британската архива држи до тоа погоре кажаната верзија дека Парк го видела Брик со жена, па откажала.

Советската верзија е дека Брик е откриен од КГБ (благодарејќи на еден нивен двоен шпион од канадската тајна служба кој како шофер го развозува Брик во Канада), и од Советите добива наредба да не мрдне од својот стан во Москва, каде му било дозволено да живее со сопругата колку се да изгледа дека е нормално. Тој треба да контактира за да ја договори средбата, меѓутоа не треба да се појави.


Меѓу опциите кои остануваат е дека Парк се препознала затоа што ова и е почетокот на кариерата и прв пат како треба да се сретне со двоен агент, дека Брик намерно ја земал жената со него за Парк да сфати дека нешто не е во ред или пак КГБ испратила некој што наликува на Брик чисто за да ја навлече Парк да реагира.

Сето ова сепак се завршува со откривање на вистинската улога на Парк, и 15-годишна затворска казна за Брик. Ова второто е крајно невообичаено бидејќи речиси секој пат агентите осудени за предавство завршуваат на смртна казна. По излегувањето од Гулагот во средината на 80-те Брик заминува за Рига, Латвија, каде се јавува во британскиот конзулат и ја кажува шифрата за препознавање. Од конзулатот се јавуваат во Лондон за да се осигурат за што станува збор. Во тоа време во британските тајни служби не е останат ниту еден агент кој оперативно бил запознаен со ГИДЕОН. За среќа на Брик, Парк е жива, но во пензија. Таа им дава насоки на агентите каде да побараат за да проверат за ГИДЕОН.

По консултации за да се утврди неговиот идентитет, одговорноста за него ја презема канадската влада, бидејќи тој е нивни шпион. Со помош од Британците, Канаѓаните го вадат Брик од Советскиот сојуз и го преселуваат во Канада под лажен идентитет, "двојниот агент никогаш не ужива во својата пензија. Времето минато во затвор го остава премногу оштетен за тоа, и тој останува гневен и параноичен до самиот крај."

25 јануари 2016 - 14:20