Мафијаш да не може да биде кум?

Иако звучи контра-интуитивно (најпознатата книга за мафијата се вика „Кум“), италијански бискуп го сака токму тоа, да го ребрендира кумството и да го одлепи од доминантните асоцијации за Сицилија.

Микеле Пениси кој важи за гласен критичар на мафијата донесе одлука во неговата диецеза гангстерите да не можат да бидат кумови при крстење деца.

Вели дека со тоа сака да ја избие идејата дека мафијашите имаат своја добра, заштитничка и семејна страна. 

„Мафијата отсекогаш го крадела поимот кум од црквата за да им даде на своите шефови религиозна стравопочит. Факт е дека тие два света се неспоиви„ вели Пениси.

Неговата јурисдикција го опфаќа и озлогласеното село Корлеоне, место на мафијашки пресметки и крвни одмазди кое стана познато со новелата на Марио Пузо „Кум“ и култниот филмски серијал снимен на таа тема.

Пениси ја најави ваквата одлука уште пред некој месец, кога го критикуваше свештеникот во Корлеоне што дозволил кум на дете да биде синот на прочуениот мафијаш Тото Риина.

20 март 2017 - 12:24