Луѓето или ќе се спојат со машините или ќе станат нерелевантни

Опасноста за човештвото доаѓа од вештачката интелигенција, ама не во форма на Терминатор, туку во неупотребливоста на човекот наспроти капацитетите на вештачката интелигенција заради што ќе мора да размислуваме за спојување со нејзе.

Во понеделникот Елон Маск порача дека луѓето треба да се спојат со машините и да станат нешто како киборг.

"Со тек на време мислам дека веројатно ќе видиме поблиско спојување на биолошката интелигенција и дигиталната интелигенција. Најмногу во прашање е бендвитот, брзината на конекцијата меѓу твојот мозок и дигиталната верзија на тебе, посебно аутпутот," изјави Маск на самитот во Дубаи.

Тој објаснува дека компјутерите меѓу себе комуницираат со брзина од "илјада милијарда битови во секунда", додека луѓето, чиј главен метод за комуникација е пишување со прстите на мобилен уред, можат да комуницираат со 10 бита во секунда.

Со ваквата состојба на теренот, надополнета со подемот на вештачката интелигенција, Маск предвидува дека луѓето ќе станат неупотребливи, заради што е и потребата да се спојат со машините.

"Некаков интерфејс со голем бендвит до мозокот ќе биде нешто што ќе помогне да се постигне симбиоза меѓу човекот и машинската интелигенција, и можеби да го реши проблемот со контрола и проблемот со корисност," објасни Маск.

Неговиот предлог предвидува "нов слој на мозокот кој ќе може побрзо да пристапува до информации и до вештачката интелигенција."

И покрај ова што го заговара, Маск за време на говорот го повторил својот страв од "длабока вештачка интелигенција", што е сосема различно од автономни автомобили и слични работи кои ги води како "вештачка општа интелигенција", која според него е "попаметна отколку најпаметниот човек на Земјата".

14 февруари 2017 - 10:33