Креативност во политичките навреди

Иако не малку сме горди на себе што успеваме да стоиме настрана од фекалиите кои го навасаа јавниот збор, од ужасот на сеопштото пцуење, вреѓање и вадење очи и од медиумската реалност во која дивеат психопати со портали и идиотизирана публика која мисли дека ако на некој директно не му ебеш све најмило и не го наполниш со говна - тогаш мора нешто да калкулираш, таквата „полемична сцена“ е толку сиромашна што мора и за тоа да се подели по некоја лекција.

Ердоган минатата недела фрли неколку вербални нарекувајќи ги сите кои на некој начин го навредија „нацисти“, почнувајќи од Германците кои некако природно се местат за ваквата споредба, па до Холанѓаните. Но како што вели Законот на Годвин (објаснување тука), да се нарече некој со вакво погрдно име одамна не се важи како креативна навреда. Еве примери на светски лидери кои вложиле малку повеќе напор во оцрнување на опонентите.

Полската премиерка Беата Жидло

Минатата недела актуелната влада на Полска се обиде да спречи поранешниот премиер на оваа земја да го обнови својот мандат на висока позиција во ЕУ. Аргументите на полската страна беа потиснати од остатокот на водачите на ЕУ, вклучително и од францускиот претседател Франсоа Оланд, кој се закани дека доколку Полска не престане да спроведува анти-либерални реформи ќе настојува да ѝ се укинат европските фондови. Актуелната полска премиерка на ова му одговори: „Зарем треба да земам за сериозно уцена од претседател кој има само 4% поддршка и кој наскоро нема воопшто да биде претседател?“

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Делси Родригез

Пред некое време претседателот на Перу, Педро Пабло Кучински, ја опиша Венецуела како „голем проблем“ на Латинска Америка. На ова министерот му одговори: „Човекот е за греота. Со почит кон неговите години, ама се однесува како куче кое мафта со опашката кон империјата и бара интервенција во Венецуела. Осамен е, се однесува како лудак, а притоа никој не му обрнува внимание“.

Државниот совет на Кина

Секоја година Стејт департментот издава извештај кој ги документира прекршувањата на човековите права во светот. Кина не го сака ваквото внимание, и по обичај го отрфла извештајот. Оваа година тоа го направи особено креативно, со речиси поетски излив: „Со пукотниците кои сè уште одѕвонуваат во ушите на луѓето зад Статуата на слободата, со влошувањето на расната дискриминација и со изборна фарса во која доминираа парите, самопрогласениот заштитник со сопствените дела го потврди митот за човековите права“. На ова се придружи и Северна Кореја со свој одговор на истиот извештај: „Здравственото осигурување (во САД) стана законска алатка за празнење на џебовите на граѓаните“.

Заменик премиерот на Германија, Зигмар Габриел

Додека другите ги споредуваат Германците со нацисти, Германците си тераат своја работа. Кога беше информиран дека Доналд Трамп се жалел што Германците не купувале американски коли, Габриел возврати: „Да ги правеа подобри, ќе ги купувавме“.

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу

Откако Британија ја предупреди Русија да не си го бутка носот во Либија, каде неодамна е забележано руско присуство, министерот за одбрана се одлучи за коментар кој вклучува метафори со животни. „Што имаат Британците на нивниот грб? Претпоставувам, лав. Има една стара изрека: сите лавови се мачки, но не сите мачки се лавови“.

Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте

Тој му доаѓа обратно од Мишел Обама. Кога неговите противници одат високо, тој оди ниско. Откако Европскиот парламент го критикуваше Дуерте за човечките жртви во текот на неговата наводна војна против дрогата (за што пишувавме тука), тој буквално го покажа средниот прст придружено со зборовите „Ебете се!“. Но Европејците не треба да се чувствуваат претерано поласкани, затоа што тој истото им го има кажано и на Сингапур и на Обединетите нации.

****

Задолжително четиво:

До курца со фашисти и предавници

Мајстори на навредата

* А и музичарите не се лоши

21 март 2017 - 13:13